Растам и тоа е океј. Долго време ми требаше да го сфатам ова. Растам ко што уште расте старата јаболкница во нашиот двор. Исправена онолку колку што ја држат нејзините цврсти корења. Понекогаш некои работи не ги разбирам, доаѓањето и одењето на некои луѓе, но штом ја загледам јаболкницата сфаќам дека и таа на есен си ги губи лисјата, а на пролет ѝ растат нови.
Одлична метафора за животот. Растеш. Ако ти е погодна земјата, ќе цутиш, ако не ти е ќе овенеш, ако си инает ко старата јаболкница, ќе се изопачиш ама ќе преживееш. Ќе имаш плодови на трудот, некои ќе чинат, некои ќе изгнијат, некои па, ако не пазиш ќе ти ги украдат. Ама, нова есен ќе дојде, нови плодови ќе се родат зошто на креативниот ум му нема креативна смрт. Никогаш. A оние што се грабливи не знаат дека дупло повеќе се раѓа од тоа што собираш.
Растам и тоа е океј. Ко нашата стара јаболкница, ја прераснав почвата. Ми треба нова врста, нова средина. Ко нашата стара јаболкница, сама себеси сум спремна да си ги згнијам корењата, неге другде да си се посадам ко мало семе одново и да држам сенка на некое друго место поцврсто. Таму можеби ќе биде повеќе ценет вкусот на моите плодови.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.