Skip to content

Бродот што плови

Чекорам по каллива улица и се обидувам да го следам текот на своите мисли. Се претворам во едно ехо чијшто звук не се слуша далеку. Одекнуваат ѕвонливи полу-мелодии коишто сакаат да ја свират повторно истата песна. На дел им успева, некои се замолкнати уште пред првиот такт. Погледнувам во полуосветленото небо вдишувајќи го оној специфичен мирис на дождлива почва и сфаќам дека среќа е да се постои.

Да се постои забележувајќи ги ситните детали околу себе, капките дожд што не успеваат да се слеат успешно од покривите, замрзнатата капка што се претворила во снегулка, но паѓајќи се топи слевајќи се во вирчето. Некогаш тврдев дека не е лесно да се биде човек, денеска сум убедена во тоа. Навидум најобичното и најприродното нешто на светот, но истовремено најтешко.

Кога врз тебе ќе се накалемат одговорностите и кога ќе решиш да го земеш животот во свои раце нештата уште повеќе се усложнуваат. Колку порано го направиш тоа толку подобро. Тука е убавината во целата тешкотија, сфаќаш дека токму тоа те прави жив. Причината за борбата што постои, желбата да се издигнеш над сè. Понатаму одговорноста што ја преземаш ти дозволува да ја чувствуваш моќта врз себе и своите постапки. Тогаш си велиш: „ете ја смислата,  ништо убаво и вредно не може да биде лесно и во тоа е целата суштина“.

Скапоценоста на денот е во можноста да се ужива во малите мигови што живот значат. Во обидот да се биде подобар од претходно, во голата вистина да си признаеш каде згреши и како можеш да се поправиш, таму лежи промената. Погледнувајќи ѝ на вистината во очи секогаш нема да ти се допадне тоа што ќе го дознаеш. Важно е внатре да видиш убавина, да ја почувствуваш. Убавината на духот никогаш нема да исчезне дури и кога телото ќе почне да откажува и ќе ја губи формата.

Бидете духовно убави, богати и меки. Богатството на душата е нешто што никој не може да ни го украде. Дури ни највештиот крадец не е способен тоа да го направи. Мекоста се однесува на мудроста во смирено прифаќање на поразите, во кроткоста и способноста за приземјено соочување со сè што животот приредува.

Не можеме против природните катастрофи, немоќни сме пред таквата сила, но и те како можеме да владееме со себе. Да завладееме со своите мисли станувајќи со нив пријател, а не да војуваме против нив. Бидејќи војувајќи со нив се саботираме себе, текот не го следиме, владее хаосот и се движиме во ќорсокак (кажано наједноставно).

Го земаме кормилото и го насочуваме бродот во посакуваната насока. Бурите и цунамите нема да ја спречат пловидбата. Нека потонат злите сили што се обидуваат да го саботираат патувањето. Вие продолжете да маневрирате, патот е долг. Не ја испуштајте далечината од вид, но концентрирајте се на она зад, пред и околу вас. Среќно патување!

Н.Н

Напишете коментар