Skip to content

Продолжи да чекориш без откажување

Неодреденост. Насока на која крајот не ѝ се гледа. Талкање. Чекорење без познат правец. Чувство на изгубеност или немање цел? Многу добри познати чувства на сите талкачи, на оние кои се пронаоѓаат сè уште. Продолжи да чекориш, не го запирај одот! Да, тебе ти велам, ТИ што сега го читаш овој текст.

Одот го симболизира твоето патување, кое не мора да биде само физичко. Ти се движиш стоејќи во место. На кој начин? На духовен. Патуваме секојдневно иако не одиме подалеку од нашиот град. Патуваат нашите мисли, емоции, недостигања, жалби, молби, поплаки. Сите емоции што нè обземаат во одреден момент испраќаат порака.

Некогаш таа порака јасно ќе ја прочитаме, некогаш не можеме да ја дешифрираме. Тоа е сосема во ред. Подоцна ќе дојде одговорот и ќе биде јасна пораката која претходно не сме знаеле да ја протолкуваме. Верувајте му на процесот. Ништо не е случајно и ништо не е залудно. Ние оставаме траги.

Трагите како еден белег или печат на нашето постоење, како сведоштво дека сме биле тука. Како што биле многумина претходно кои за нас се непознати, чиишто имиња и презимиња ништо не ни значат. Но сепак тие оставиле свој печат. Ја газеле истава земја по која ние сега сме исправени.

Имале свои желби, надежи и планови за иднината. Имаме и ние нели? Колку и да се разликуват од оние на претходните генерации, сепак се наши. Ние сме генерација на нашето време. Дали времето е наше самото кажува. Мислам дека е бидејќи тоа е заедничко со сите нас кои ја делиме оваа планета.

Како што кажав и претходно, не запирајте. Пуштете чекор и во непознато, стапнете и онаму каде што сте преплашени да пуштите чекор. Ќе се случуваат чуда. Вам ви треба само силна верба во себе, труд и упорност. Потоа сите талкања ќе имаат смисла. Најпосле ќе ви стане јасно зошто сте морале да изодите толкав пат. Јас ќе кажам само едно, која и да е причината – ќе вреди.

Н.Н

Напишете коментар