“И кога стоите на молитва, проштевајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. Ако ли, пaк, вие не проштевате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.“ (Марко 11, 25-26)
Простување, што би било тоа ако не обид за враќање на квалитетот на односот помеѓу скараните страни во статус на претходната состојба, онаа пред да настане караницата. Или, усогласеност на душите на иста фрекфенција со синхроно отчукување на срцата кои повеќе не паметат ништо од минатото. Можеби и гласен повик кон дивината со што се откинува дел од себеси и тоа оној грозоморниот, злопамтивиот. Всушност и леснина на душата како на родилка премалена која го држи своето чедо во рацете штотуку измолкнато од нејзината утроба.
И кога стоите на молитва, проштевајте, ако имате нешто против некого. Те молам Господе Боже дај ми сила да им простам на ситите кои мислат дека три оброци дневно се вообичаено мени за целото човештво; на славните кои се убедени дека се единствени жители на земјината топка; на убавите кои веруваат само на одговорот на огледалцето кое го рефлектира скоро секогаш нивниот одраз; на младите кои се незрели и полни со луди намери; на старите кои се презрели и празни за амбициозни замисли; на прељубниците кои ги завалкуваат постелите; на лажговците кои ја видоизменуваат вистината; на крадците кои ја одземаат своината; на мрзливите кои едвај се проѕеваат; на себеси кој ги мрази горенаведените.
Вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. Те молам Господе Боже прости ми ги моите гревови, намерните кои сум ги осознаел, но искушенијата ме попречиле да не им побегнам, и ненамерните кои сум ги направил, доволно доцна за да ја сфатам нивната природа. Ако ми ги простиш ти ветувам дека ќе им простам на ситите, славните и сите други кои се грешници во моите мисли и за кои бев подготвен да ја донесам пресудата во твое Име. Ако ми простиш ти ветувам и дека нема повеќе да го проколнувам будилникот кој ме буди рано наутро за да се подготвувам за работниот ден, зимата чија ладна прекривка ме прави зиморлив длабоко во клетките кои треба да ја проциркулираат мојата харизма во надворешна посебност.
Короната која покоси толку многу помеѓу нас и нема намера да сопре, падот на нафтата на странските берзи кои влијаат на пораст на цените на путерот од кикиритки во маалското продавниче. Земјотресот во Гватемала кој предизвика воздушно струење што ги натера штрковите во моето село да заминат порано оваа година во јужните краишта и го остават оџакот на мојата куќа пуст и безличен. Знам дека тие постојат со причина и само ти ја знаеш нејзината цел. Јас, како и секогаш последен дознавам.
Ако ли, пaк, вие не проштевате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши. Што сум застанал на молитва со овој товар во градите кој силно ме тетерави ту на едната ту на другата страна нарушувајќи го мојот баланс со кој треба смирено и скрушено да застанам пред Неговото лице. Товар, составен не од зрнца песок или камчиња со димензија на оние на сончева плажа, туку грамади, делови од карпи, непоместливи купишта. Бреме е кога во секвенци молневито ги преработувам сите примени навреди, можноста да простам и ги заборавам и повторно убедување со Лукавиот дека на неправдата треба да се врати со противнапад како би се повратила почитта.
И така во круг, ништо од простувањето додека не се застане подготвено како јагне пред колење со помирен израз во очите дека ништо на овој свет не е поголемо од љубовта која ги надминала овие ситни попречености и се издигнала толку високо каде што од птичја перспектива сè е толку минорно за паметење и огромно за веселење. И затоа ти простувам за да Ми прости.
СП Апостол