Понекогаш си велам, зошто им дозволувам на негативните мисли да навлезат во мене? Кога сум ги примила, а јас не знам? Со која причина навлегуваат во мојот ум и ми го уништуваат расположението? Ми ја полнат главата со потполно небитни информации. Но, што можам да сторам? Што можеме да сториме јас и вие кои го читате овој текст? Можеме ли да им речеме не доаѓајте повторно? Не, затоа што не е човек за да разбере. Единствено решение е ние да влијаеме врз нив, а не тие врз нас.
Многу едноставно, ние како нивни влијатели ќе се потрудиме да бидеме посилни, да не им дозволуваме да навлегуваат во нас, да не им дозволиме да бидат причинители на нашето нерасположение. Да ги одбегнуваме, да мислиме обратно, односно позитивно. Ги има, постојат, и ќе постојат секогаш, само ние сме тие кои ќе ги управуваат. Мора да ни стане јасно дека мисловниот процес е дел од нас, дека мислите се вртат постојано во нашата глава. Дека мозокот никогаш не останува без мисла (освен со практикување техники за опуштање), но и тоа трае многу кратко. Замислете, да не постоеле мислите, мислењето, размислувањето, ќе сме биле само плус еден вид животно.
Треба да го цениме тоа што сме, треба да го цениме тоа што поседуваме ум и разум, тоа што Бог ни дал способност за размислување. Но внимавајте, не негативно размислување кое е против доброто здравје и кое го нарушува здравјето. Запомнете само ние самите сме причинители за негативните мисли кои навлегуваат во нас. Само ние самите може да ги спречиме, само ние може да одлучуваме дали ќе ги примаме или не. А наједноставно и најдобро би било да мислиме само позитивно!
Симона Кареова