Најсилниот од сите витези,
најљубениот од сите херои,
падна пред нозете нејзини,
се натера себеси да ги голтне сите заклетви.
“Земи ме земјо,
пред да го прекршам светото, братското,
земи ме земјо пред да ми го допре срцево,
земи ме земјо, пред да ме погледне,
пред да ми прозбори,
пред да ме зароби во тие нејзини кралски одаи.”
Кралицата. Младиот трофеј на стариот крал,
користена како пион на секој бал и забава,
влечена и тегнета со сила за рака, со сила пред олтар венчана,
во замокот ко заробеник заробена,
за витезот од самиот Бог створена.
А витезот во оклопот – херој
со оклопот присутен на секој бој,
сите мислеа дека знаат ама имаше една вистина,
со оклопот сонце,
без оклопот месечина,
под оклопот – лузни и крвави долги прамени,
со оклопот – фрли мамка,
под оклопот – штом сите ќе легнат, замени.
Ко тајна си го носеше срцето в раце,
Ко гулаб пораснат беше во кафез,
едно огледало му дадоа двострано,
ама на надворешната страна со превез.
Единствено дете на татко му,
голтар желен за витешка слава,
ја исполнуваше татковата желба стара,
а сонуваше за полиња широки,
за дрвја високи,
за колиба мала,
за очи сини и коса плава.
Должност му беше да ја чува,
да ја демне онаа што сон не му даваше,
онаа што го пецкаше ко да знаеше,
онаа што кога ќе здогледаше страв – се каеше.
Ѝ стоеше пред одаја,
ја дружеше во градината,
јаваше со неа низ полињата и молчеше,
секогаш ѝ молчеше иако таа молеше за збор.
Нервоза ли, лутина ли беше? Покор?
Еден ден го бакна и ко да му даде отров.
нозете му се одзедоа,
душата му се искрши,
не можеше никогаш во животот така да се замисли.
А таа штом се тргна, усните ѝ беа црвени,
очите разбранети,
образите румени,
ко рубини кралски измешани со бисери.
“Ќе молчиш ли уште?” Го праша тивко,
ко да не знаеше дека му го одзеде здивот.
Ко да не беше жената на кралот,
ко да не можеа поради еден нејзин вресок сега да му го одземат животот.
“Што сакате да кажам?
Дека ќе го убијам и кралот,
оној од кого го земам лебот
само поради љубов?
Лудост. Лудост кралице.
Знаете ли што им се случува на предавниците?
Ги судат,
а после судењето главата ја губат.
Знаете ли вие кого бакнавте?
Знаете ли воопшто што направивте? “
Кралицата ја спушти главата.
“Уште од ноќта прва во земјава знаев кој сте,
шетав низ шумата и Ве видов како се бањате во езерото низ трските.
Барав јас да сте до мене, зошто не знаев после долгите вечери и соништа што ќе правам со себе. ”
Пет години Сер,
живеам пекол,
живеам со ѕвер.
Му значам колку калта на чизмата, колку правта на круната,
колку жалните лелеци на тие ко нас на судбината.
В зори ќе си одам.
Или ќе си одам или ќе ме убијат,
ајде со мене,
вештерките ми ветија – ќе нѐ заштитат – ќе нѐ сокријат.”
Заминаа в зори,
заспаа в колиба на сред шума со зборови на љубов изговорени.
Кралот наскоро сакаше да се прежени ама цркна,
тоа му беше казната од судбината.
Кралството го презеде за првпат најстарата внука и самата птица заробена, плукна на круната и си направи нова, за нови почетоци скроена.
Витезот го обеси мечот,
лекуваше со билки и млеко,
кралицата – сега жена обична ја запиша на хартија нивната приказна.
“Среќни бевме,
гулаби слободни,
на една Земја,
едно Сонце – две месечини.
Нема војни, нема оклоп, нема превези,
само живот еден наш – вистински.”
Од “Дневникот на една будала”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.