Во рубриката „Интеврју со“ имавме чест да поразговараме со Димитра Десановска, млада и амбициозна студентка на Педагошкиот факултет во Битола. Која е нејзината инспирација, што ја мотивира и која е нејзината порака, прочитајте во продолжение!
Ти си студентка на Педагошки факултет во Битола, што значи да си студент во Македонија и што беше клучно да се одлучиш за упис на овој факултет?
– Така е, студентка сум на Педагошкиот факултет во Битола, на насоката за македонски јазик и книжевност. Сметам дека за еден млад човек е привилегија да учи во земјата каде е роден и тоа токму на македонски јазик. Отсекогаш, уште како дете сум се гледала себеси како професор по македонски јазик и книжевност. Тоа започна уште во деновите кога учев во основно училиште во Битола.
Една од мотивациите и поттикнувач на таа моја одлука да студирам токму македонски јазик и книжевност беше мојата наставничка Емилија Прчкова од која научив многу не само за нашиот јазик и педагошкиот пристап кон ученикот, туку и за тоа како е да се биде чесен и вистински исполнет со негување на човековите вредности. Таа е една од најзаслужните луѓе за тоа каде што сум сега. Таа за мене е повеќе од професор. Мислам дека сите нејзини извонредни знаења се впиле во мене. Се сеќавам како во моите мисли замислував да бидам нејзина колешка и тоа полека станува реалност.
Која е Димитра приватно, како сакаш да го поминуваш своето слободно време?
– Слободното време го поминувам со луѓето кои ги сакам. Пешачам, пишувам поезија. Едноставно го правам тоа што ме исполнува.
Благодариме за интересот твојата поезија да се најде на нашиот блог. Од каде инспирацијата да пишуваш и што значи за тебе пишувањето?
– Мислам дека некаде длабоко во мене уште од детските денови се криеше желбата за пишување. Уште од деновите кога тоа беше моја домашна работа па до денес. Инпирацијата ја добивам спонтано и од различни извори. Тоа е љубовта кон нашата татковина и кон нашиот народ. За мојата ,,Штафелајот на животот“ тоа беше мојот дедо Ѓеорги Десановски-Десан кој беше ликовен уметник, а јас често знаев да одам во неговото ателје и да набљудувам што прави со боите, нијансите.
Мојата последна песна е посветена на една за мене посебна личност. Пишувањето за мене значи да се напише и да се излее на лист хартија она што тлее во писателската душа и во истиот момент да ја допре и душата на читателот.
Како се носиш со пандемијата, дали онлајн предавањата ти одговараат, можеш ли да направиш една паралела со предавања со физичко присуство и онлајн?
– Во моментов се наоѓаме во ситуација која за жал е фатална за многумина, но он лајн наставата тече непречено, благодарение на моите универзитетски професори кои максимално се трудат да се достапни за нас како студенти. Секако дека секогаш е поубаво кога нештото се случува со физичко присуство, кога се има природна комуникација, кога може да се допре и да се почувствува другиот, но кога се наоѓаме во ситуација каде се работи за здравјето и животот на сите нас нема никаква дилема дека и он лајн наставата е одлична.
Што ти паѓа најтешко за време на студирањето овој период од една година?
– Мислам дека најтешко ми паѓа тоа што не можам да го имам оној нормален контакт со своите колеги и пријатели, иако ние имаме одличен однос и надвор од универзитетските рамки и им благодарам што и тие мислат на мене и ме поддржуваат на патот по кој одам.
Кој е твојот омилен автор?
– Мислам дека секој автор се труди максимално да се внесе во она што го пишува. Бидејќи пишувам поезија, не можам да не го издвојам Ацо Шопов. А секако и мојата професорка Даниела Андоновска-Трајковска која предава на Педагошкиот факултет во Битола и која е добитник на овогодинешната награда на Друштвото на писатели на Македонија за своето прекрасно дело Математичка поезија. Како и омилена поетеса Стела Маја Босилковска.
Кога би имала можност да промениш само едно нешто во целиот свет, тоа би било… (дополни)
– Сите болни деца да оздрават.
Која е твојата најголема поддршка?
– Максимална поддршка имам од моето најблиско семејство, моето момче Филип кое е секогаш и безусловно покрај мене, и секако како што кажав мојата наставничка Емилија која е секогаш достапна за мене, и знае да ме посоветува, да ми сугерира, помогне.
Кој е твојот лајтмотив?
– Не се откажувај и сети се на деновите кога го молеше Господ за она што денес го имаш и речи – фала ти и слава Господи.
Дали би можела да ни кажеш некој омилен цитат или извадок од книга или песна?
– Можеби звучи по малку чудно, но би сакала да го издвојам делот од книгата ,,Малиот Принц “од Антоан де Сент Егзипери, каде лисицата разговара со тоа русокосо момче и му вели “Еве ја мојата тајна. Многу е едноставна: вистински се гледа само со срцето. Суштината е невидлива за очите.”
Која е твојата порака до читателите на Крајбрежје?
– Прво би сакала искрено и од срце да им се заблагодарам за тоа што ја читаат мојата поезија и ме поддржуваат, тоа ми значи и ми дава уште поголема мотивација да продолжам со творење. Би им препорачала да продолжат да го следат блогот кој ќе им го промени животот. Да продолжат да веруваат во нашите зборови, и им посакувам добро здравје и моменти кои ќе им ги исполнуваат душите.
На Димитра целиот тим на Крајбрежје ѝ посакува бројни академски успеси како и успеси на приватен план!