Skip to content

Николај Василевич Гогољ, најголемиот мајстор на рускиот јазик што Русија воопшто го дала

Николај Василевич Гогољ (руски: Никола́й Васи́льевич Го́голь, украински: Мико́ла Васи́льович Го́голь; Сорочинци, Полтава, 31 март 1809 – Москва, 4 март 1852) — руски писател, хуморист и сатиричар од украинско потекло, роден на денешен ден.

Животопис
Куќата на Гогољ (денес музеј)

Куќата на Гогољ (денес музеј)

Се родил во благородничко семејство

Николај Василевич Гогољ се родил на 31 март (12 април по нов стил) 1809 година, во блародоничко семејство, во малото место Василевка крај Сорочино, Миргородски округ, Полтавска губернија. Татко му бил надарен човек со уметничка природа, а особено имал смисла за литературата, пишувајќи песни и шеговити драмски дела на руски и на малоруски (украински јазик).

Денес, многу малку е сочувано од книжевните дела на Василиј Гогољ, кој не им придавал големо значење, ниту пак се обидел да ги отпечати. Во близината на селото Василевка, кое било семеен имот на семејството Гогољ, живеел познатиот украински магнат Д. П. Трошчински, далечен роднина на мајката на Николај Гогољ. Таму, татко му на Николај Гогољ работел како деловен застапник и често го поминувал времето на имотот на Трошчински, а во неговиот домашен театар глумел и младиот Николај, заедно со татко му и со мајка му. Токму таму биле прикажувани и драмските дела на Василиј Гогољ. Николај Гогољ го стекнал своето основно образование во кругот на семејството, стекнувајќи се со љубов и наклонетост кон книжевноста.

Во гимназија бил главен забавувач и сатиричар

Во 1818 година, Гогољ отишол да учи во Полтава, а потоа, уште една година се подготвувал кај приватен учител. Во 1821 година, во Нежин се отворила „гимназија на вишите науки“, па Василиј Афанасјевич, инаку мошне културен човек, го запишал синот таму. Во Нежинскиот лицеј, Николај Гогољ не бил меѓу најдобрите ученици и не се истакнувал во учењето, но неговата дарба се манифестирала на разни начини: ги забавувал другарите со шеги и со сатирични стихови, бил иницијатор и уредник на школското списание и со голем успех играл машки и женски улоги во претставите што ги приредувале учениците.

Сакал да работи како правник

Во едно писмо од 1827 година, тој напишал: „Уште многу порано, од раното детство, јас горев со неизгаслив стремеж својот живот да го направам корисен за државата. Вознемирувачката мисла дека не ќе можам да го направам тоа… ме фрли во длабока тага. Во мислите ги претресов сите занимања… и се задржав на една – на правосудството. Видов дека тука ќе има најмногу работа… дека тука ќе бидам вистински корисен за човештвото. Неправдата, најголемата несреќа на светот, најмногу ми го кинеше срцето. Се заколнав дека нема да изгубам ниту еден миг од својот краток живот а да не направам добро“.

Неуспешна универзитетска работа

Имал неуспешна универзитетска работа како професор по историја.  Oгорчен од нападите по премиерата на „Ревизор“, во јуни 1836 година, Гогољ заминал во странство, каде што, со помали и поголеми прекини, престојувал околу десет години, најмногу во Рим. Напуштајќи ја Русија, тој му напишал на еден свој пријател од Женева: „…во Русија постои толку голема колекција на одвратни муцки, што повеќе не можев да ги поднесам. Дури и сега ми се плука, кога ќе се сетам на нив.

Живеел во странство

Гогољ поминал низ Германија и се доселил во местото Веве, на Женевското Езеро, но есента се преселил во Париз, а по ненадејната смрт на Пушкин (29 јануари 1837) заминал во Рим. Таму, Гогољ се чувствувал многу пријатно и имал многу пријатели меѓу Русите кои живееле таму, а особено се дружел со сликарот Александар Иванов. Меѓутоа, животот во Рим имал и негативни последици за Гогољ кој западнал во религиозно расположение, во прв ред предизвикано од дружењето со кнегињата Зинаида Волконска, која околу себе собирала свештеници и луѓе наклонети кон мистицизам.

Бил во тешка душевна криза

Во 1842 година, Гогољ западнал во тешка душевна криза од која никогаш повеќе не закрепнал. Тогаш, тој целосно го променил мислењето за своето творештво и за својата улога како уметник и започнал да проповеда патријархално-реакционерни политички идеи кои најсилно дошле до израз во познатата книга „Одбрани места од преписката со пријателите“ од 1847 година. Во научната литература многу е истражувано прашањето за причините на пресвртот и трагедијата во животот на Гогољ, но до ден-денес не е најдено задоволувачко објаснување.

Се знае дека под влијание на мајчиното воспитување, тој стекнал силно религиозно чувство, а подоцна неговите патријархални погледи се засилиле под влијание на ставовите на руското конзервативно словенофилство (М. Погодин, С. Шевирјов, С. Аксаков, Н. Јазиков, итн.), како и под влијание на поетот В. А. Жуковки. Екстремните ракционерни ставови на Гогољ предизвикале големи протести во руската јавност, а особено е познато писмото на големиот критичар В. Г. Белински од 15 јуни 1847 година.

Аџилак во Палестина

Меѓутоа, Гогољ немал сила да ги послуша советите на Белински и сè повеќе тонел во религиозен занос, така што во 1848 година заминал на аџилак во Палестина, а последните години од животот ги поминал во бројни настапи на неговата душевна болест. Гогољ умрел на 21 февруари 1852 година, а неговиот закоп бил величествен, во присуство на голем број жители на Москва.

Творештво
Петроградскиот период (1829 – 1836)

Книжевната кариера на Гогољ започнала по преселбата во Петроград, каде во 1829 година ја објавил поемата „Ханс Кихелгартен“, потпишувајќи ја со псеводинмот В. Алов. Поемата била многу лошо оценета од книжевната критика, а Гогољ бил толку разочаран, што со својот слуга ги собрал од книжарниците сите испечатени примероци и ги запалил, така што првото издание на ова негово дело денес претставува извонредна реткост. Сепак, Гогољ успеал релативно брзо да влезе во кругот на петроградските писатели, кои веднаш го препознале неговиот телент и му помагале во неговиот развој како писател. Еден од неговите помагатели бил пријателот на Пушкин, П. А. Плетнов (подоцнежен професор и ректор на Петроградскиот универзитет), кој го запознал со Жуковски, Делвиг, Пушкин и со другите поети од Пушкиновиот круг.

Изадавал во списанија

Набргу, Гогољ почнал да објавува во петроградските весници и списанија и во 1830 година, во февруарскиот и во мартовскиот број на списанието „Татковински записи“ (Отечественные записки) го објавил својот прв расказ „Басаврјук“ или „Вечерта спроти Иванден“ кој следната година влегол во неговата прва збирка раскази. Исто така, тој објавувал и во алманахот „Северно цвеќе“ (Северные цветы), како и во списанието „Книжевни новини“ (Литературна ягазета) кои ги уредувал Пушкиновиот пријател А. А. Делвиг. Познанството со Пушкин било еден од најважните настани во животот на Гогољ. Всушност, уште пред да дојде во Петроград, тој сонувал да се запознае со Пушкин, а кога се преселил во Петроград, еден ден отишол во куќата на Пушкин, но таму му одговориле дека поетот спие.

Голем пријател со Пушкин

Гогољ се запознал со Пушкин во мај 1831 година кај П. А. Плетнов, а Пушкин веднаш ја насетил огромната дарба на Гогољ и му станал искрен пријател, учител и советник. За својот однос кон Пушкин, Гогољ пишувал во своите писма и во „Исповедта на писателот“ (1847). Смртта на Пушкин претставувала голем удар за Гогољ. Така, во писмото до М. П. Погодин од март 1837, Гогољ напишал дека кога создавал, пред себе го гледал само Пушкин, дека ништо не пишувал без неговиот совет и дека целото негово дело е дело на Пушкин. Во своето дело „Семејни хроники“,С. Т. Аксаков тврди дека на веста за смртта на Пушкин, Гогољ „се разболел во душата и во телото“ и дека Пушкиновата смрт била единствената причина на сите душевни заболувања на Гогољ.

Збирка раскази „Вечери во селцето крај Диканка“

Во септември 1831 година, Гогољ го објавил првиот дел од својата прва збирка раскази „Вечери во селцето крај Диканка“, а во април 1832 година се појавил и вториот дел од збирката. Во 1835 година ја објавил втората збирка раскази „Миргород“, исто така, во два дела, а истата година се појавила и книгата со разни литературни творби „Арабески“ (во два дела). По нив, Гогољ ги напишал расказите „Нос“ и „Кочија“ кои биле објавени во Пушкиновото списание „Современик“, а паралелно со тоа, Гогољ работел и на некои други дела. Така, во 1835 година, Гогољ ја започнал работата на своето најголемо и најзначајно дело – „Мртви души“, а според некои податоци, во средината на 1830-тите е започнат и прочуениот расказ „Шинел“ кој првпат се појавил во неговите собрани дела од 1842 година, како и шеговитата игра „Коцкари“.

Најмногу пишувал во Петроград

Со други зборови, речиси сите најважни уметнички дела на Гогољ се проектирани или напишани за време не неговиот престој во Петроград. Значајно место во петроградскиот период зазема и драмското творештво. Уште по објавувањето на првата збирка раскази, Гогољ планирал да напише драма за современиот руски живот. Станува збор за неговата ненапишана комедија „Владимир од трет ред“ која ја споменува во едно писмо од крајот на 1832 година. Од ова дело се сочувани четири дела: „Утрото на работниот човек“, „Во собата за слугите“, „Судски спор“ и „Исечок“.

Комедија „Женидба“

Кога ја напуштил работата на оваа драма, Гогољ се префрлил на пишувањето на комедијата „Женидба“ која ја започнал во 1833 година, првата редакција била завршена во 1834 година, но Гогољ не бил задоволен и го преработил текстот, најпрвин во 1835, а потоа и во 1836 година, додека крајната верзија ја завршил дури во 1841 година. Паралелно со тоа, есента 1835 година почнал да работи на комедијата „Ревизор“, првата редакција била готова во декември, а делото било завршено пролетта 1836 година, иако Гогољ продолжил да прави некои поправки сè до премиерата која се одржала на 19 април 1836 година.

Раскази

На почетокот од својата книжевна кариера, Гогољ пишувал романтични раскази со тематика од родниот крај во кои јасно се гледа влијанието на украинскиот фолклор и германскиот романтизам. Своите први раскази Гогољ ги напишал во 1829 година, а во септември 1831 година го објавил првиот дел на збирката раскази „Вечери во селцето крај Диканка“. Една година подоцна, тој го објавил вториот дел на „Вечерите во селцето крај Диканка“ (1832), а во 1835 година и збирката „Миргород“. Веќе во овие збирки се застапени елементите на неговиот особен хумор, фантастика и поетски реализам, како и суптилна иронија и сарказам полн со горчина и со сочувство.

Позначајни дела
  • Вечери во селцето крај Диканка (1831-1832)
  • Арабески (1835)
  • Миргород (1835)
  • Тарас Буљба (1835)
  • Женидба (1835)
  • Ревизор (1836)
  • Мртви души (1842)
Влијание

Покрај Пушкин, Гогољ е основач на рускиот реализам. Навистина, како творец на реализмот во руската книжевност се смета Пушкин, но како што забележува Чернишевски, сепак, славата на основач на рускиот реализам тој мора да ја дели со Гогољ. Имено, иако Гогољ бил помлад од Пушкин, сепак повеќето негови прозни дела се објавени пред оние на Пушкин. Во секој случај, Гогољ е еден од најголемите руски реалисти, заедно со Лав Николаевич Толстој. Затоа, кај руските писатели и ден-денес е одомаќена изреката: „Сите ние излеговме од под „Шинелот” на Гогољ“, мислејќи на подолгиот расказ „Шинел“. Според Станислав Винавер, Гогољ е „најголемиот мајстор на рускиот јазик што Русија воопшто го дала“.

Напишете коментар