Покажи ми кај те боли,
за таму понежно да те љубам,
силно да те бакнувам,
цврсто да те гушнам.
И можеби нема да ти мине,
ама болката ќе биде помала.
Кажи ми од што се плашиш,
за таму да те однесам,
со стравот да те соочам,
па цврсто да ти ја стегнам дланката.
И можеби стравот нема да ти мине,
ама барем нема толку страшно да изгледа.
Кажи ми за што плачеш,
за солзи да ти избришам,
за да те сослушам,
за цврсто во мене да те стегнам.
И можеби очите нема да ти пресушат,
ама веќе никогаш нема да плачеш сам.
Кажи ми што те прогонува,
за заедно да бегаме од прогонството,
цврсто да се држиме за раце,
препуштени еден на друг.
И можеби прогонството нема да заврши,
ама барем заедно ќе нè гони.
Покажи ми кај те боли,
за таму да те љубам понежно,
за таму да те љубам почесто,
силно да те бакнувам,
цврсто да те гушнам.
И знам дека нема да помине,
ама болката ќе биде помала.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.