Круме Кепески (8 април 1909 во Прилеп, Отоманско Царство – 3 ноември 1988 во Скопје, СР Македонија) – истакнат македонист, граматичар, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик. Oсобено во развојот на граматичарското дело. Автор е на првата „Македонска граматика“.
Научна и творечка дејност
За професорскиот испит (1941) го пишува трудот „Прилепскиот говор“ каде ја дава граматичката структура на прилепскиот во споредба со битолскиот говор што е основа за неговите подоцнежни граматики. Првата „Македонска граматика“ професорот Круме Кепески ја објавил на 26. 01.1946 (второ издание, Скопје, 1947 и трето, проширено, издание, Скопје, 1950). Граматиката по својот карактер била општа. Iако одобрена со решение на Министерството за народна просвета на Македонија како учебник во средните училишта, таа е наменета и за администрацијата и пошироката популација.
Со граматиката за прватa светската јавност се запознава со структурата на македонскиот јазик и има огромна културна улога. Автор е на Македонска граматика за VII одделение и III клас. Потоа на учебниците: Поуки за јазикот за VI, VII VIII одделение (повеќе изданија), Граматиката за VII одделение (повеќе изданија), Граматика на македонскиот литературен јазик за училиштата од II степен, односно за средно образование (повеќе изданија) и Ромска граматика во коавторство со Шаип Јусуф.
Се потпишува како автор на многу дела
Автор е на многубројни статии, објавени во периодиката, главно во списанијата „Македонски јазик“ и „Литературен збор“. Исто така тој е присутен на страниците во списанијата и весниците: за училишната, стопанско-правната и медицинската терминологија во „Просветно дело“, „Просветен работник“, „Собвремено претпријатие“, „Стопански преглед“, „Македонски медицински преглед“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Трудбеник“, „Просвета“, „Вечерње новости“, „Политика“, „Борба“ и во други со свои прилози. Особено се познати неговите рубрики „Поуки за јазикот“, „Од нашиот речник“, „Јазично катче“.
Тој е автор на терминологијата во техничките, медицинските, економските и правните науки. Во списанијата „Просветно дело“, „Литературен збор“, излезени се обработени методски единки: Обработка на именките, Обработка на придавките, Обработка на заменките, Обработка на сегашно време, Обработка на заповеден начин, Обработка на посреден и непосреден говор, Обработка на идно време и др.“
Познат е како преведувач на преводна литература – белетристика и учебници за гимназиите и за универзитетот меѓу кои на: Ревизор и Тарас Буљба од Николај В. Гогољ, Басни од Лафонтен, Маски од Тоне Селишкар, Приказни од старо време од Ивана Брлиќ Мажураниќ и други.
Делото на Круме Кепески
Круме Кепески е македонски лингвист кој со филолошка и лингвистичка наобразба се здобил уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја започнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката. Активно продолжил да се занимава со неа во првите децении од стандардизацијата на македонскиот јазик, кога несебично се вклучил во практичната примена на литературнојазичната норма на македонскиот јазик. Односно на усовршување на нормата и на научната елаборација на македонскиот јазик.
Во таа насока, во годините на почетните напори на спроведување во општествената практика на придобивките од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и од официјалното усвојување на македонското писмо и правопис, Кепески се јавува како автор на првата македонска граматика. Таа веднаш наоѓа примена во образованието и во другите сфери на општествениот живот.
Оваа граматика овозможува основно зацврстување на македонската литературнојазична норма во свеста на македонските родени зборувачи и соодветно преточување на граматичката материја во наставната практика.
Поставување на темелите на лингвистиката на современиот македонски јазик
Кепески израснал од старата добра филолошка традиција застапена на славистичките катедри во словенските земји, во тој контекст и во предвоена Југославија. Но, од друга страна, не треба да се пренебрегне и една веќе воспоставена македонска филолошка традиција, во која заслужено место зазема и Марко Цепенков, меѓу другото и со својата лексикографска дејност. Бездруго Кепески и на генерациите на кои им припаѓа имале и во М. Цепенков заслужен лексикографски претходник. А и на таа дејност се надоврзува Кепески.
Професорот Круме Кепески, составувајќи ја првата македонска граматика ги поставува основите на лингвистиката на современиот македонски јазик. Неговата граматика е и првиот учебник по македонски јазик за многу повоени генерации.
Не помалку значајни се неговите трудови од областа на терминологијата на македонскиот јазик, неговите преводи на македонски јазик, а се занимавал и со собирање на народни умотворби. Голем е и неговиот придонес во педагошката практика по македонски јазик, бидејќи тој работи и како професор по македонски јазик.
Неговата наставнонаучна дејсност
Неговата наставнонаучна дејност остварена првенствено на Педагошката академија во Скопје е во тесна врска со неговото ненаметливо активно присуство на сите образовни рамништа. Од основното до високото, и за соодветното постапно совладување и усовршување на јазичните и на комуникативните вештини преку образовна практика. Од таа своја позиција тој се јавува како еден од првите профилирани методичари на наставата по македонски јазик и литература, со свои видувања за секој одделен наставен час, за секоја методска единица, како и за трајното усвојување на наученото преку постојано доусовршување и надградување на граматичкиот материјал со нови содржини.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.