Skip to content

Те сонував – Наталија Наумовска

Ми се појави во сон, во најдлабокото мечтањето за реалноста која не се случи. Ти ги видов очите и бисерната насмевка. Лежеше покрај мене и ми се насмевнуваше откривајќи ги белите заби. Горниот дел од телото ти беше без облека. Совршено се гледаа оформените, мускулести раце, кои ги подаваше кон мене. Не ја симнуваше насмевката, мене душата ми се смееше.

Во соништата хармонично-идилична сцена, кој би рекол дека не се случила на јаве? Те чувам во соништата зошто одамна престанав да сакам да ги направам реалност. Нека сум губитник кој не сака да се бори. Се уморив. Се уморив речиси без борба. Ми доаѓаш на сон за да ме потсетиш за што не се борам повеќе. Те чувам во соништата, затоа што само таму ми припаѓаш. Се појавуваш ненадејно, кога најмалку сум те помислувала. Можеби за да се осигураш дека уште постоиш во мисливе.

Ако ти се појавам во соништата, зачувај ме таму. Само таму најчесто се среќаваме, со насмеани лица. Зачувај ме во соништата, далеку од кошмари и болни спомени, помни ме насмеана, баш каков што беше ти во тој сон кога ми се појави ненадејно. Зачувај ме во соништата, во јавето не припаѓам никому, освен на себеси.

Н.Н

Напишете коментар