Skip to content

Со брзина на светлината – Софија Петковска

  • by

Од мигот кога моите плишани мечиња
беа моите ученици,
а јас нивна наставничка,
та послушно ги слушаа моите приказни
и правеа “препис” од моите планови на таблата,
невешти шкртаници со креди во боја
по темната таткова врата од гаражата,
до мигот кога ја фрлив гордо шапката на факултет,
та вистински подучував деца во клупите,
само едно трепкање со клепките ме дели.
Од мигот кога мојата мајка
со восхит ја гледав дур се шминка
и ја бојадисува косата,
до мигот кога јас застанав пред огледалото
нејзините потези да ги повторувам,
само едно вдишување и издишување ме дели.
Од мигот кога мојата кукла ја чешлав и облекував,
во количка ја шетав и ја заспивав,
приказни и раскажував и ја хранев,
до мигот кога таа кукла вистинско дете се стори,
од месо и крв,
ко Пинокио од дрво-дете што стана,
со еден потег на волшебното стапче,
така јас мајка на Јосиф биднав,
само едно деноноќие од тие мигови ме дели.
И не,
јас не тагувам за деновите
кои како птица летаат.
И не,
јас не плачам
за годините кои минато се нарекуваат.
Јас на деновите се радувам,
во годините уживам.
Годините учител мој,
деновите потсетник,
сегашниот миг е важен.
Со брзина на светлината
поминува сѐ.
Зграпчи го цврсто тоа сѐ сега,
прифати го,
сакај го
и уживај во него со сите сетила.
Бидејќи,
овде само едно е важно:
животот во годините,
а не годините во животот.

Софија Петковска

Напишете коментар