Ги прелета ли гулабот сите планини и реки за да те пронајде тебе?
Ги помина ли гулабот сите долини, ливади, котлини за да стигне до тебе?
Патува ли сѐ уште гулабот по долги патишта за да дојде до тебе?
Те бара ли сѐ уште гулабот за да ја дознаеш вистината во писмото напишана?
Или не може да те пронајде се прашувам….
Дали е изгубено по пат?
Дали е заборавено на некое место?
Дали е фрлено од некого?
Дали е избришано тоа што со молив е запишано?
Може избледело со годините…
Едно ти кажува твојот разум.
Друго ти кажува твоето срце.
Сакаш ли да ја избегнеш вистината напишана во него?
Намерно ли ја игнорираш?
Не можеш да ја исечеш, фрлиш, запалиш…
Не можеш да избегаш од неа.
Не ти се испушта глас да ми кажеш.
Не ти се изговара ниту еден збор.
Не ти се пишува ниту една буква.
Полесно ли ти е да веруваш во лагата?
Бегаш ли од вистината која еден ден ќе ја дознаеш ?
Ќе ја донесе гулабот спакувана во писмо на твојот праг.
Само јас ја знам вистината длабоко врежана во моето срце.
Дијана Келтаневска