Заробена во темината на мојата соба, полека се измолкнувам од под ќебето со мирис на јорговани. Сакам да е темно. Некогаш посакувам толку мрачно да е небото, па да не може да зазори. Ја спуштам темната завеса. Сончевите зраци ми ги боцкаат зениците во очите. Уште еден глупав, здодевен ден. Уште еден проклет, долг ден. Уште еден ден во низата денови без тебе.
Мачката испушта некаков чуден крик додека се проѕева и си ги протегнува шепите. Повторно се тутка како клопче на подот. Посакувам да ја стегнам в прегратки. Да ја убијам, стегајќи ја в прегратки. А таа да се мршти. Ама не сакам да ѝ ја расипувам убавината. Убаво си спие на подот. Некогаш премногу му завидувам на ова шепасто суштество со портокалови шари на ушите и опашот. Спие колку сака. Се печи на сонце кога сака. Кога сака излегува. Кога сака се враќа назад. Особено ѝ завидувам на тоа што секогаш кога ме мрази ми ги забива канџите в месо. Секогаш кога ме сака ми се умилкува.
Ех, кога само луѓето би имале толку јасни и едноставни емоции. Кога само би можела да им забијам канџи на сите луѓе кои ми одат по нерви. На сите оние кои сакам да ми излезат од животот. А в скут да им се умилкувам на оние што ги сакам. Да ги галам. Да им предам од задоволство. Не е тоа дека некој мене ми забранил или дека не можам. Сите тие гласови од “можам“ и “не можам“ живеат само и едниствено во мојот мозок. Некогаш едноставно сакам да запре. Да престане да размислува. Да ми дозволи да се препуштам и да уживам во мигот.
Се влечам низ ходникот како дух. Не ја сакам утринската светлина. Влегувам во кујната и го отварам прозорецот. Соседката и денес, како секое утро, го вклучила радиотo на цел глас. Добро е што свири некоја екс-ју рок песна. Кафето веќе клокоти во ѓезвето. Денес не ставив шеќер. Нека горчи. Нека ме отруе. Нека биде горчливо. Исто како мене. И онака еден ден ќе се удавам во сопствената горчина. Неговиот мирис полека ме освестува. Очите широко ми ги отвора.
Додека го пијам, ја проверувам електорнската пошта. Нема ништо, освен глупави пораки од реклами. Ги проверувам сите можни апликации на кои ми пристигаат пораки. Ниту една не е од тебе. Значи сите останати се небитни. Дали си добар денес? Се надевам дека си. Дека кај тебе сонцето посилно свети. Кај мене како да згасна некако. Денес ќе бидам мрачна. На очните капаци ставам темна сенка. Погледот ми е матен. И темен. Ко во душава што ми е. А во него единствено сакам ти да се огледаш. Да ја видиш светлината во очите мои. Оти тоа си ми ти мене. Мојата светлина. Единствената светлина во мојот мрак. Единствена светлина во моите зеници.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.