Без да сакам си ја придушив дарбата,
не ја залевав навреме со вода,
не ѝ дадов доволно светлина,
ѝ ја заробив сета слобода.
Разумот правеше акробатика,
се нишаше на чудни вратила,
храброста седеше спружена
под ладовина на една млада бреза.
Страста се беше нурнала во морето…
одамна се беше удавила,
сите што ѝ ласкаа на убавината
мермер…плочи се сторија,
љубовта одамна се беше заморила,
и душите што не молеа за ништо
што самите на себе љубов си даруваа
и тие се преморија.
Останаа децата немирни во играта,
срните преплашени од сенките на дрвата,
птиците избезумени,
со раширени очи,
што бегаат од светлината.
Во колибата крај реката
грижливо работи една жена..
опкружена со илузија.
Стоев на ридот и се видов
себе.. во неа,
со расцветана дарбина.
Николина Ќорвезироска