Skip to content

Ристо Шишков, истакнат македонски филмски и театарски глумец

Ристо Шишков, истакнат македонски филмски и театарски глумец е роден во 1940 г, во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува. Шишков починал на 17-ти јули во 1986 година.

Првите актерски искуства

Првите негови актерски искуства ги започнал 1957 година, глумејќи во Народниот театар “Антон Панов” во Струмица. Таму ги одиграл улогите во претставите: “Ноќи на гневот”, “Лажливец” како и “Круг со креда”. Приемен испит полагал во 1958 година на Академијата за театар во Белград. Имал првична намера да студира атомска физика, но наеднаш се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума.

Една од ретките награди која ја добил за време на неговиот престој во Белград, е наградата за улогата во пиесата “Време, огин и човек” од Мирослав Беловиќ, во Крагуевац, 1962 година. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, повеќе радиодрами.

Фестивал во негова чест и негов лик во драма

Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Син на Шишков е познатиот македонски глумец Васил Шишков.

Шишков се игра како еден од ликовите во драмата „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски. Во првата сезона, улогата ја толкувал син му Васил.

Театарски улоги

Некои од улогите кои ги одиграл се: Спасе во “Македонска крвава свадба”, Луков во “Црнила”, Павел Протасов во “Децата на сонцето”, Андреј Прозоров во “Три сестри”, Леоне во “Господа Глембаеви”, Дон Цезар во “Дон Цезар од Балзан”, Креонт во “Антигона”, Мендељ Крик во “Зајдисонце”, Фјодор Протасов во “Живиот труп”, како и улогата на Чами во “Кенгурски скок”, режирана од Бранко Ставрев.

Филмски улоги

Покрај неговиот главен ангажман во театарските претстави има оставено и силен впечаток и во филмските улоги. Прва и тоа главна улога ја игра во филмот “Заседа”, во режија на Анте Заниновиќ. Потоа следи неговата дебитантска улога во македонски филм “До победата и по неа”, во режија на Жика Митровиќ, по сценарио на Симон Дракул, каде го глуми митралезецот Трајко. Негов следен ангажман е филмот “Македонска крвава свадба” (1967), во режија на Трајче Попов. Истата година добива епизодна улога во филмот “Каде по дождот”, во режија на Владан Слиепчевиќ. Потоа, следат две негови маркантни улоги и тоа во “Планината на гневот” (1968) и “Републиката во пламен” (1969), двете во режија на Љубиша Георгиевски.

Соживеан со голготата на Егејските Македонци, тој ја игра улогата на Парис во филмот “Црно Семе”, работен по истоимениот роман на Ташко Георгиевски, а во режија на Кирил Ценевски. Забележан е еден мал инцидент, после премиерата на овој филм, во која Шишков чул коментар, дека ваков филм може да ги влоши односите со Грција, на што тој бурно изреагирал, во присуство на тогашниот политички врв.

Играл во еден од највисоко буџетните филмови снимен во негово време

“Црвениот Коњ” исто така снимен по романот на Ташко Георгиевски, е неговата следна улога, каде го игра ликот на Ставропулос. По ова се враќа, во еден од највисоко буџетни филмови, снимен во тоа време “Битката на Неретва”, во кој учество земаа Ричард Бартон, Јул Бринер како и Силва Кошчина.

Во својство на секретар на Друштвото на драмски уметници, јавно го изразил своето незадоволство од тоа што се ангажираат не само Југословенски глумци, туку и од надворешни земји како Полска, СССР и Романија. Ова се случило непосредно, пред неговиот филмски ангажман во „Води“, филм во кој цела негова улога била преснимена за да се исфрли неговот учество во филмот.

Награди

1962, Крагуевац — Награда за улогата во пиесата „Време, огин и човек“

1967 ФФАО, Ниш — Специјална награда за улогата во „Планината на гневот“

1976 ФФАО, Ниш — Повелба за машка улога во „Најдолгиот пат“

1977 МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп — Добитник на една театарска награда за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.

Политичка хајка и смрт

Неговата судбина, која ја преживеал како дете, прогонето од Егејот, во него всадила инстинкт за праведност и вистина. Не можел да ги премолчи неправдите кон обичниот човек, на сметка на политичките и економските моќници.

 Во 1979 е обвинет во навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито. Обвинет како националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.

Погребот на Ристо Шишков е извршен на 19 јуни 1986 и на истиот ден е погребан поглаварот на Македонската Православна Црква-Ангелариј.

Шишков како инспирација

Ристо Шишков, остави силен впечаток врз многу личности од различни провиниенции (поети, глумци, уметници, режисери итн.). Еден од првите кој му посветува песна на Шишков, е и големиот борец за човекови права на Македонците, публицист и поет, неговиот личен пријател, Коле Мангов.

Прочтајте ја во продолжение песната која првпат е објавена во весникот “Македонија” од Торонто, Канада, на 16ти јули 1986, месец дена по неговата смрт. Песната, била игнорирана и на еден начин, дневните весници не пројавувале интерес да ја објават. Повторно е објавена во неделникот “Старт”, во 2001 година.

Молчењето на Ристо Шишков – Коле Мангов

За Ристо Шишков треба да се молчи.
И пак да се молчи.
Но, белината на хартијата чека запис.
И народот очекува запис за Ристо Шишков.
Ристо знаеше да каже: во него има молчење. Многу молчење.
Ристо не молчеше. Зборуваше за сите.
Во него се славеше молчењето на народот.
Огромниот товар на молчењето.
Потоа молчењето избиваше од него.
Како вулкан. Како незапирлив вулкан.
Тој вулкан го однесе Ристо Шишков во вечно молчење.
Сега другите доаѓаат за него. Цела една вечност.
Слава му!

Напишете коментар