Skip to content

Ноќ

Славејот ја запеа својата песна. Ноќите се негови, но сам пее како заборавен љубовник чијашто љубов заминала во некоја непозната далечина. Багремот го слуша, и трепери со лисјата на негова мелодија и зборува со мирисот на љубовта. Толку е опоен што чиниш ќе заспиеш во длабок сон во кој ќе ја сонуваш својата непрежалена љубов.

Спојот на миризлив багрем и опојна песна ги прекри сите твои чувства, но ти се уште трепериш, како багремот во ноќта. Се сеќаваш на онаа ноќ која немаше мирис на багрем ниту  песна на славеј. Се беше тивко, можеше да се начуе само маглата по сокаците. Сé беше магливо, дури и твојот поглед. Но,се појави една светлина која зрачеше од аголот на улицата. Едни светкави очи кои немирно гледаат го допреа твојот поглед во твоите зеници. Ти не можеше да ги погледнеш , но тие ти нудеа цел еден нов свет. Свет на крвави знамиња и немирни желби.

Знаеше дека мора да се предадеш, но само на неговата сенка. На неговите крвави знамиња, ќе поставиш бело знаме. Но, никогаш нема да ги оствариш неговите немирни желби.

Се присети на тие плашливи очи. Во тој момент славејот престана да пее. Ги покри очите и заспа во еден немирен, но безбеден сон далеку од немирот на очите кои веќе никогаш нема да ги видиш.

Напишете коментар