Само религијата може, но не и филозофијата да ги разбере овие противречности, затоа треба да биде „почитувана и сакана“. За оние кои не веруваат и се скептични во Бога, Блез Паскал ја направил својата теорија за верба во Бога, наречена Паскалова опклада. Тој јавно ја осудува максимата на езуитскиот отец Ескобар „Целта ги оправдува средствата“ – во „Провинциски писма “.
Нападите кон езуитите
Езуитите (католички црковен ред, основан од Игнасио Лојола во Париз во 1534 година) имаат право под одредени околности да ги убијат и клеветат неговите противници. а овие гревови се простени затоа што биле извршени во име на повисока цел. На Езуитите им е дозволено да му дадат пари на еден благородник со цел да се здобијат со повисока титула, но оваа акција не е мито, туку праведно дело.
Покрај тоа, на Езуитите им е дозволено да имаат двајца исповедници: пред едниот да ги исповедате вашите смртни гревови, а пред другиот – помалите. Паскал заклучува дека „подобро е да имате работа со атеисти отколку со луѓе кои на овој начин ја разбираат религијата.“ Сите овие негови напади се диктирани од неговата желба да се стави редот во хаос за да може вистината и добрината конечно да триумфираат.
Животни случки на Паскал кои довеле до неговиот став кон езуитите
Можеме исто така да разгледаме неколку негови животни случки кои исто така довеле до тоа да тој да се спротистави на езуитите и да се преобрати во јансенист.
Блез Паскал и неговата сестра Жаклина се приклучиле на едно верско движење во рамки на католицизмот познато како Јансенизам, наречено по името на основачот, холандскиот теолог Корнелиус Јансен (1585-1638).
Таткото на Паскал на своите деца им овозможил христијанско образование преку нивната гувернанта Луиза Делфо. Тоа може и да се согледа преку читањето на поемите на сестрата на Паскал, Жаклина.
Во 1646, Етјен Паскал, си го скршил колкот паѓајќи на некоја голомразица и бил лекуван од страна на двајца јансенистички лекари, ученици на Жан Дивержие де Оран (опат во Сен-Сиран) којшто го вовел јансенизмот во Франција. Блез имал чести разговори со нив во тек на тримесечниот период додека тие го лекувале татко му.
Тие го снабдувале со јансенистичка литература и тој посебно бил восхитен од делото Расправа за реформата на внатрешниот човек напишано од Корнелиј Јансен во 1628, и својот восхит им го пренел и на најблиските. Некои тврдат дека тоа е моментот на неговото „прво преобраќање“.
Болест и парализа, справување со слаба циркулација
После осумнаесеттата година се разболел од нервна болест од која прекумерно страдал. Во 1647, добил напад на парализа и морал да се движи со помош на патерици. Имал јаки главоболки, болки во стомакот, рацете и нозете постојано му биле студени поради слабата циркулација која за да ја подобри и да си ги затопли нозете, морал да носи чорапи потопени во ракија.
Заради лекување отишол во Париз со сестра му Жаклина. Здравјето му се подобрило но нервниот систем му бил трајно оштетен. Оттогаш, станал жртва на една длабока хипохондрија, која влијаела врз неговиот карактер и филозофија. Станал раздразлив, добивал напади на бес и многу ретко се смеел.
Паскал се оттргнал од својот прв религиозен ангажман и неколку години го живеел како што тој вели, својот „монденски период “(1648-1654). Тогаш целосно бил обземен со работата врз вакуумот, следејќи ги трудовите на Торичели . Од 1646 до 1654, правел огромен број експерименти со секаков вид инструменти. Едниот од нив во 1648 му овозможил да го потврди постоењето на вакуумот и на атмосферски притисок и да ја воспостави теоријата на течностите.
Монденски живот кој придонел за теоријата на веројатноста
Неговиот татко починал во 1651 и Паскал станал наследник на неговиот имот и оној на сестра му Жаклина. На 4 јануари 1651 и покрај противењето на нејзиниот брат, Жаклина се закалуѓерила во Порт-Ројал во Париз со што ги изгубила своите граѓански права и имот. Тоа кај него довело до депресија. Лекарите го советувале да се ожени но тој се противел на таа идеја.
Во септември 1652 отишол во Клермон каде по средбите со својот другар од детството Блез Шардон кој бил верник, повторно се повлекол во религијата но набрзо потоа повторно живее монденски, уживајќи во своето богатство, во жени и во коцкањето (што му ја дало идејата за теоријата на веројатноста). Жаклина го прекорувала и го молела да ги смени навиките и животот.
При крајот на 1654, со кочија доживеал несреќа на мостот Неји и исплашен при средбата со смртта, се онесвестил и западнал во кома. Откако се освестил, петнаесет дена подоцна, на 23 септември 1654, имал интензивна религиозна визија која си ја запишал на куса белешка што содржела текстови од Библијата која си ја пришил на палтото и секогаш ја носел со себе. Некој од слугите случајно истата ја открил после неговата смрт.
Престој во манастири и преведување на Библија
Кога му се вратила вербата во Бог, Паскал престојувал во постариот од двата манастира на Порт Ројал во 1655 и во тек на следните четири години редовно патувал на таа релација. После тоа, веднаш почнал да го пишува делото Провинциски писма, неговото најголемо дело за религијата. Паскал учествувал и во преведување на Библијата на француски.
Во чест на неговите придонеси во науката, името Паскал е дадено на SI мерната единица за притисок, на програмскиот јазик-Паскал, и на Паскалов закон (важен принцип во хидростатиката). Паскаловиот развој на теоријата на веројатноста бил значаен придонес и извршило големо влијание во математиката. Првенствено аплицирана на коцкањето и опкладите, денес оваа теорија е крајно значајна во економијата.
Прочитајте и за Роберт Деснос, еден од најголемите надреалисти.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.