Толку сонував за тебе што ти ја загуби својата реалност.
Има ли уште време да се достаса тоа живо тело и да се бакне
врз таа уста раѓањето на гласот кој ми е драг?
Толку сонував за тебе што моите раце свикнати да се вкрстуваат,
во прегрнувањето на твојата сенка, врз моите гради,
не би се свиткале околу облиците на твоето тело, можеби.
Толку, што пред вистинската појава на она што ме посетува и ме
води веќе со денови и со години јас би станал една сенка, несомнено.
О сентиментални двоумења.
Толку сонував за тебе што нема веќе време за да се разбудам.
Јас спијам простум, со тело изложено на сите појави на животот и на љубовта,
а ти која единствено постоиш за мене денес, ти имаш
чело и усни кои јас би можел многу потешко да ги допрам отколку
првите усни и првото чело што ќе наидат.
Толку сонував за тебе, толку одев, зборував, спиев со твојот
призрак што не ми остана ништо друго освен можеби да бидам
призрак меѓу призраците и стопати повеќе сенка отколку сенката
што се шета и ќе се шета пополека по сончевиот часовник на твоето тело.
Роберт Деснос
Прочитајте и за биографијата на Роберт Деснос, француски поет, еден од најголемите надреалисти.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.