Веќе три години живееше на село. По големото фијаско и губењето на огромната семејна куќа, повеќе недвижнини и фирмата која со години беше заштитен знак на покојните родители, прибежиште најде во имотот на село. Всушност, немаше друг избор, со недоволно познавање на работата, изгуби сѐ што генерациите пред него спечалиле. Не се гордееше со себе, ги знаеше сите грешки што свесно или несвесно ги направил, но, касно е за каење. Веќе мртвите родители, да го видат тоа, повторно би посакале да умрат!
Тој им беше единствениот син и уште од малечок му ги исполнуваа сите желби. Освен една! Најмногу од сѐ сакаше да црта и да се запише на ликовна академија. Не му дозволија зошто требаше да го наследи бизнисот и да го унапреди. Не беше бунтовник по природа, се согласи со нивниот избор, иако длабоко во себе се сомневаше во своите претприемачки способности. Сѐ одеше добро додека тие беа живи, не го притискаа, а тој го учеше факултетот кој не го сакаше.
Еден ден двајцата се загушија од јаглерод моноксид во колата, а тој, уште не заздравен од шокот мораше да ја води фирмата. Не беше подготвен и не знаеше дека во тој свет не се играт секогаш чесни игри, а најголемите “пријатели” на семејството, не му помогнаа туку бесрамно го искрадоа и сега тие живеат во нивните недвижнини.
За среќа, куќата на село беше во одлична состојба и не требаше да ја поправа. Единствено платното и четките, сега, новите сопственици на поранешната куќа му дозволија да ги земе. Ги гледаше луѓето пред кои буквално порасна, како се ситеа и ликуваа на неговата немоќ и незнаење да направи нешто и спаси дел од големото богатство. По доаѓањето во куќата на село, долго време беше во депресија. Во тие тешки денови ќе излезеше во дворот и со часови ja црташе убавата природа.
Селаните, срамежливо ѕиркаа од оградата, се радуваа на младиот сосед и цртежите што ги правеше. Не му сметаа нивните погледи, напротив, ги покани да разговараат или да му позираат и му бидат модели. Наскоро, речиси сите селани беа добредојдени кај него. Селото не беше големо, имаше малку жители и сите беа пензионери. Имаа бавчи и на лето му носеа органски зеленчуци и овошје, не сакаше да ги искористува измачените луѓе, но тие велеа дека го прават тоа во спомен и почит кон татко му.
Да, татко му и на луѓето од градот им помагаше, а тие за возврат му го забија ножот во грбот. Во целата несреќа, беше среќен што е опкружен со луѓе кои имаа чиста душа како на деца. Знаеја и тие да се подскараат за некоја меѓа на нива или околу цевките за наводнување, сепак, лутината бргу им минуваше и на лето од дворовите ќе се слушнеше песна: „Дејгиди луди млади години, летнавте како сиви галаби! Туѓината пуста да остане, и така во низ се редеа старите македонски песни“.
Помеѓу луѓето со кои живееше порано и овие од селото постоеше огромна разлика – како два различна света. Првите имаа убава фасада, убаво мирисаа, беа облечени по последна мода, а душите им беа затруени од меѓусебна борба за моќ и престиж. Овие другите, пак, не мареа толку за модата. Не беа дволични и не зборуваа тоа што сакаш да слушнеш, ама душите им беа убави. Понекогаш ги гледаше со колкава радост ги чекаа децата и внуците од градот или од туѓина. Таа среќа не можеше да се одглуми. Тоа беа искрени чувства и убави емоции.
И тој се радуваше заедно со нив. Затоа оддалеку ги гледаше и ги сликаше на платната. Им ги потенцираше очите што им се смеат и брчките, добиени од годините, неправдите и проблемите кои натежнале та претежнале. Кога сликаше забораваше на своите проблеми, искрено, не му недостасуваа луксузот и гламурот во кој порано живееше, туку од мисла не му излегуваа родителите што веројатно многу ги разочарал. Пред две години се запиша на ликовна академија, со радост одеше на предавање, а претходниот факултет немаше желба да го доврши.
Во селото си го најде мирот и мислеше дека ќе остане таму до крајот на својот живот. Сепак, му заигра срцето од радост кога доби понуда од признат факултет од Рим да го стипендираат и таму да го продолжи школувањето…Пред неколку месеци испрати слика на еден конкурс и без да очекува ја добил првата награда. Малку се двоумеше, не знаеше дали да остане во рајот што самиот си го направи, но, се предомисли. Уште му тежеше долгот кон родителите и ете, му се пружи шанса да учи и да напредува…Ќе си ја проба среќата!
Можеби, не е пропаднат случај и ќе биде успешен во тоа што најмногу го сака? Сликарството! Можеби ќе успее и наследството да го врати, за да ги смири духовите на починатите. На заминување, селаните го испратија до железничката станица, жените плачеа и благослови му кажуваа, а мажите со музика и ветување дека ќе внимават на неговата куќа.
Солзи радосници му го облија лицето, имаше чувство дека овојпат ќе успее. Пред три години дојде како сирак, а денес го испраќаат неколку мајки и татковци…Вечно ќе им биде благодарен и никогаш нема да ги заборави “малите” а Големи луѓе”.
Силвана Панева