Skip to content

На денешен ден е роден Живко Чинго, плоден македонски романописец, раскажувач и драмски писател

Живко Чинго (13 август 1935 – 11 август 1987) е истакнат македонски раскажувач, романописец и драмски писател.

Кратка биографија

Живко Чинго е роден на 13 август 1935 година, во селото Велгошти, Охридско. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии.

Тој бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Починал на 11 август 1987 година.

Творештво

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесеттите години на XX век. Уште во своите први раскази, објавени во списанието „Разгледи“ во 1957 година, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази Пасквелија било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот.

Првата збирка раскази Пасквелија, издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази Нова Пасквелија, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца Сребрени снегови, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази Вљубен дух била објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик.

Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.

Награди

За збирката „Пасквелија“, во 1963 година ја добил наградата на ЦК на СМЈ и весникот „Младост“ од Белград. За збирката „Нова Пасквелија“ ја освоил Октомвриската награда во 1966 година. истата година ја освоил и наградата на „Детска радост“ за најдобар детски роман (за „Сребрените снегови“). Чинго е добитник и на наградите: Рациново признание, „11 Октомври“, „1 Мај“ и Стерино позорје.

Дела

Чинго е автор на следниве дела: „Пасквелија“ (раскази, 1963), „Семејството Огулиновци“ (раскази, 1965), „Нова Пасквелија“ (раскази, 1965), „Сребрените снегови“ (роман за деца, 1966), „Пожар“ (раскази, 1970), „Големата вода“ (роман, 1971), „Жед“ (сценарио, 1971), „Поле“ (сценарио, 1971), „Образов“ (драма, 1973), „Ѕидот, водата“ (драма, 1976), „Вљубениот дух“ (раскази, 1976), „Кенгурски скок“ (драма, 1979), „Макавејските празници“’ (драма, 1982), „Накусо“ (раскази, 1984), „Пчеларник“ (сценарио, 1988), „Гроб за душата“ (раскази, 1989), „Бабаџан“ (роман, 1989), „Бунило“ (раскази, 1989), „Ал“ (проза, 1989)

Во чест на Чинго од 1988 година во неговото родно место се одржуваа манифестацијата „Денови на Живко Чинго“. Во текот на манифестацијата се доделува Наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ.

Напишете коментар