Skip to content

Експертска држава која врие од самопрогласени експерти

Да живееш во експертска држава е голем предизвик бидејќи не знаеш од која страна ќе налеташ на експерт кој дели бесплатни совети. Во мојата чудесна земја, нема ден да помине, а да не се случи некој нов, изненадувачки, помалку зачудувачки настан. Те името ѝ го менуваат, те ја делеа и парчеа, те не ја признаваат, па сакале и јазикот да ни го поништат, што ли уште не, долг е списокот.

Настрана од политички теми, на блог политиката е строго забранета тема иако се провејува некаде низ написите ненаметливо и затскриено, овде ќе пишувам строго за експертите во земјава. Од политика тешко дека некој би можел да избега, но овде ќе ја занемариме, во голема мера е присутна по останатие канали на информирање.

Експертизмот во нашата земја

На тема експертизам сметам дека нашиот народ има земено докторат самопрогласувајќи се за експерт на секоја тема. Таканаречените експерти секогаш имаат што да кажат за повеќето настани, а особено за деликатните теми кои бараат строго оформен став. Поради таквите дебати луѓето-ескепрти се поделија, како малку поделби да доживеа народот. Сега по најново се поделени на вакцинирани и невакцинирани.

Сосема е во ред да постојат спротивставени мислења и ставови, чинам тоа е право на личен избор кое не смее никому да му се одземе, ниту ограничи или спречи. Но дали е во ред тие спротивните припадници на “групите“ да си бодат очи недоволно аргументирано само затоа што мислат дека тие се право, а овие другите грешат?

Зошто тие експертите имаат потреба да го докажуваат и наметнуваат својот став по статуси, коментари и дебати во живо, кога накрај пак одлуката паѓа на оној што треба да се вакцинира? Чуму жестоки дискусии како треба и зошто (не)треба. Зарем не треба во кризни моменти, во пандемиски времиња луѓето да се поддржуваат едни со други и да се сплотени?

Моментот со сертификатите ми е толку “чуден“ што дури не ни сакам да го коментирам на долго и на широко. Ќе се задржам на експертите од мојата земја кои се толку полни со мудрост и знаење, дури што можат да им позавидат оние кои се вистински експерти.

Шегата во аут – имам потреба нешто да кажам иако не беше побарано мое мислење

Шегата ќе ја оставиме во аут, нашиот народ има мислење за сѐ и без мислењето да биде побарано од него. Колкупати сте прочитале статус или статуси од некој фејсбук пријател на различни теми како кажува како требало нешто да се направи или не требало? Во ред е да се пишуваат статуси со изразување на мислењето, но не по секоја цена.

Оние кои не пишуваат статуси имаат оформено мислење за повеќето теми. Има еден интересен момент кога се во прашање фејсбук статусите. Вели: “Што имаш на ум во моментов?“. Ако почнам да пишувам секој момент сѐ што ќе ми падне на ум (на конкретна тема или обична рандом помисла) ќе треба да спамирам со статуси по цел ден, од утро до мрак. Среќа па никој не го сфатил буквално ова барање од фејсбук, зошто целиот ѕид ќе беше претворен во “општ хаос од мисли претворени во реченици“. Кој би имал толку време за да ја запише секоја мисла што ќе му падне на ум?

Експертите од нашата земја имаат време да го искажат својот став, па некогаш дури и да го наметнат ако е потребно, да докажат дека се во право. Да покажат дека нивното мислење е единствено валидно и дека нив треба сите да ги послушаат. Тие не прифаќаат против аргументи, толку цврство се држат за својот став, па дури се спремни да кренат “мини востание“ ако имате спротивставени мислења.

Ако мојот став е спротивен од твојот не значи дека е поточен и обратно

Навистина не ме радува ова што се случува во нашата земја по друштвените мрежи со делење на експертски ставови (недоволно истражени и испитани). Секој се држи до својот став и сака да го претстави како најправилен, но не го наметнувајте. Држете се до сопствениот и не се мешајте во туѓиот. Толку е едноставно.

Нема потреба од убедувања, преговарања, докажувања и покажувања. Правете како вам ви одговара. Како што мислите дека треба и е најправилно за вас. Но оставете го секој да си го прави она што му одговара. Доста си вадевте очи преку екрани куцајќи сочни коментари и контра-реплики по статуси, групи и постови влегувајќи во дискусии со “експерти“ кои не ги ни познавате, а ги гледате само на слика (која може да биде лажна).

Експерт не може да се биде за многу нешта одеднаш, ако си вистински експерт по одредено прашање, тоа најчесто е на една тема и на конкретно одредена проблематика. Не може секој да знае премногу од повеќе области. Насочете се кон едно, па усоворшувајте го ексепртизмот. Секогаш ќе постојат “вистински експерти“ кои го потрошиле целиот живот учејќи, работејќи, истражувајќи и усовршувајќи се на одредена тема и прашања.

Оставете ги експертите да бидат експерти, а вие поработете на себе наместо да си губите време објаснувајќи се на фејсубк и твитер.

Напишете коментар