Skip to content

Не сакам такви жени – Лина Димоска

Не сакам жени што мислат
дека убавата кариера радост ќе им донесе,
дека ќе ги исполни повеќе од оние жени
кои рано станале мајки,
па дечиња си изнародиле,
кои унечки врзале,
па в кујна се затвориле,
па си земаат за право да коментираат
како нивните животи се празни,
како по цел ден седат дома
и во талогот од кафе си гледаат,
како ги чекаат мажите
полу пијани да им се вратат од кафаните.
Такви жени не сакам.

Не сакам жени што мислат
дека жените кои се посветиле на кариерата за жалење се,
па наместо да раѓаат деца
среќа пронашле во домашните миленици,
наместо да се заколнат на верност
љубов наоѓаат во различни мажи,
наместо да зготват нешто
купуваат готово оти не знаат да готват,
наместо да се прибрани
шетаат наоколу дотерани и нашминкани,
наместо да си седат по дома
и да си се омажат
скитаат цели ноќи
и ептен убаво се забавуваат,
па коментираат како целта на жената
е мајка да стане и да биде нечија сопруга.
Такви жени не сакам.

Не сакам жени што знаат сè за секого,
што се плеткаат во туѓи животи,
што им ги кршат срцата на мажите,
што крадат туѓи мажи.
Не сакам жени што имаат лош коментар за друга жена.
Такви жени не сакам.

Сакам слободни, ослободени жени.
Жени без предрасуди,
слободни ко ветер,
диви ко леопард.
Жени со души чисти како солза.
Неизвалкани.
Детинести.
Смешни.
Збунети.
Смотани.
Ама жената, за да стане чиста
мора барем еднаш да се извалка,
да се скрши,
да се парчоса.
Оти само од најголемата кал
излегуваат жени со чисти срца,
чисти ко капка роса.
Недопрени
До нив стигнале десетици,
ама само еден ќе ги допре.
Оти тие само нему ќе сакаат душата да му ја поклонат.

Напишете коментар