Лидија Димковска е македонска реномирана поетеса, романсиерка и преведувачка. Димковска важи за еминентен лик во македонската современа книжевна сцена, огромна чест ни е што ја имаме во рубриката „Интервју со“. Во продолжение проследете го целото интервју со одговорите на важни (според нас) прашања.
Долго време сте присутна на македонската книжевна сцена и мал е бројот на познавачи на македонската современа литература кои не слушнале за вас. Вие сте добитник на неколку поважни книжевни награди и член на ДПМ уште од 1995-та година. Која е улогата и функцијата на ова друштво во денешно време, што треба да знае обичниот читател за постоењето на “Друштво на писатели на Македонија“?
– Тешко е да се одговори на ова прашање бидејќи немам директен контакт со Друштвото на писателите, всушност одамна не сум учествувала во нешто организирано од страна на ДПМ, и затоа што сум надвор од Македонија, но и затоа што Друштвото ретко и организира нешто. Ги паметам активностите на ДПМ пред повеќе години па и децении, кога во ДПМ ќе ги сретнев сега веќе починатите Гане Тодоровски, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Петар Т. Бошковски, Матеја Матевски и други, или доделувањето на наградите на ДПМ, или разни трибини и промоции. Опиплив контакт со ДПМ сега за мене е само списанието „Стожер“ кое, пак, излегува ретко или со задоцнување. На Друштвото на писателите на Македонија му е потребна радикална реформа, односно нов почеток, па и нови темели. На старата слава и на нашите сеќавања очигледно дека не може повеќе да стои и опстојува.
Дали може да направите паралела на книжевната сцена во денешно време со онаа во минатото (во вашите почетоци на пример)?
– Книжевната сцена всушност постои најмногу и најсилно токму на почетокот на писателскиот пат, кога ентузијазмот, полетот, желбата по промени, самопрегорот, поврзаноста со генерацијата на која и припаѓаш, вербата дека литературата може да го промени светот, сето тоа блика од енергија, љубов, посветеност. Јас барем тоа го препознавам во денешната книжевна сцена кај младите автори и авторки, а оној кој го посети првиот Скопски поетски фестивал на почетокот на септември во Скопје, тоа може и да го потврди. Имено, фестивалот го организираа авторки и автори од помладата генерација, со толку силна посветеност и елан, речиси без средства, што мене ме воодушеви нивната животна и книжевна моќ.
Ја сакам таа и таква книжевна сцена. Ме потсетува на почетоците на мојата генерација во почетокот на деведесеттите, тогаш нѐ нарекуваа шеста генерација во македонската литература, генерација од која за жал, денес останавме неколкумина кои пишуваме и сме дел од македонската литература, останатите или се откажаа од пишувањето или се откажаа од објавувањето. И ние тогаш бевме книжевна сцена, односно создававме книжевна сцена преку литературните клубови „Малиот принц“ и „Илунаи“, со јавни читања, први книги, со наградата за дебитанско поетско дело „Студентски збор“, со учество и непроспиени ноќи на „Млада Струга“ и секако автостоп до Струга и назад, со воодушевување од секое ново книжевно познанство, со искрено пријателство и солидарност меѓу нас, со сето она што денес го препознавам кај помладите автори и авторки.
Се надевам дека нивната книжевна сцена ќе опстои. Всушност, таа постои во сосема поинакво време на глобализација, на Интернет, на вмрежувања и поврзувања какви што ние не можевме да имаме, а за нив сето тоа се подразбира, дел е од секојдневниот живот. Денешната книжевна сцена на мојата генерација и на постарите генерации е крајно индивидуална, секој постои сам за себе, некои веќе заминуваат во вечноста, помеѓу некои постои вистинска политичка и идеолошка бездна, но во основа кога се среќаваме тоа е мал празник на автори и авторки од сите (изгубени) генерации.
Бевте уредник на електронското списание за култура и уметност „Блесок“ на одделот за поезија. „Уметноста е внатре“, како една мисла која сѐ уште може да се прочита на онлајн страната на е-списанието, крие во себе многу различни интерпретации. Што претставува уметноста за вас и каде се наоѓа таа?
– Уметноста е насекаде, и внатре и надвор, за мене уметноста е дом, татковина, прибежиште, потреба, љубов, дишење, постоење, живот.
Се препознавте и во преводот, дали преведувачот како мост меѓу две култури е исто толку важен колку и самиот писател?
– Без преводи би имале само национални книжевности ограничени на сопствените читатели и писатели, јазик, книжевни кодови, култура. Без преводи едноставно не би имале светска книжевност. Лично, како космополит, верувам во (интер)национална книжевност, во светска книжевност, токму затоа сметам дека преведувањето е важно исто како пишувањето, во одредени моменти и повеќе од пишувањето. Замислете да ги немавме преводите на Илијадата, Одисејата, Библијата, Шекспир, Достоевски, Вирџинија Вулф итн., итн.. Тоа за мене претставува нешто незамисливо. Затоа и сама се трудам да го преведам и препеам она што ми се допаѓа како читателка и веднаш помислувам: ако не го преведам, нема како да го прочитаат моите сонародници кои не знаат романски или словенечки јазик.
Познавањето јазик и сета култура од кој потекнува, сосе дарбата за творење е сигурно најдобрата комбинација да се стане посредник меѓу два јазика, меѓу две литератури. Преведувачот е за мене најдобриот читател, никој друг подетално, посуштински и покритички не го чита делото како што тоа го прави преведувачот. А како писателка и преведувачка ги имам и двете искуства и затоа моите преведувач(к)и ги сметам за ангели-чувари на моите дела. И онака како што јас живеам со книгите што ги преведувам, знам дека и моите преведувач(к)и живеат со моите книги.
Претпочитам да препејувам поезија и додека препејувам поезија можам и сама да пишувам, а кога преведувам проза тоа е невозможно, тешко ми е да преминам на нешто свое додека сум во светот на некој друг автор. Можеби затоа и не преведувам толку многу колку што сакам. Преведувањето е всушност учење, истражување, длабење во јазикот и најдобрата вежба за одржување на формата на јазикот.
Добитник сте на наградата „Стале Попов“ два пати, Наградата за книжевност на Европската унија, како и на други позначајни награди, кои се повеќе од доволен показател за вашето место во македонската книжевност. Номинирани бевте за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“. Наградата како круна на интелектуалниот труд и долгогдишната работа има свое значење во творештвото на уметникот. Како вие го доживувате добивањето на наградите за вашите дела?
– Како голема радост и признание за она што сум го создала, и секоја ми значи поради некоја друга причина: на пр. наградата „Браќа Миладиновци“ затоа што ме поврзува засекогаш со моите книжевни предци Димитрие и Константин Миладинов и ја поставува и „Гранична состојба“ во историјата на македонската поезија. Наградата „Наим Фрашери“ затоа што бев првата поетеса на македонски јазик која ја доби оваа албанско-македонска награда што го носи името на албанскиот преродбеник и современик на Прличев, Наим Фрашери; наградата „Стале Попов“ затоа што уште како ученичка во основно училиште ги прочитав сите романи на Стале Попов живеејќи со нивната содржина со години; наградата „Петру Крду“ затоа што пред мене ја добиле моите омилени поети Адам Загајевски, Томас Транстромер, Чарлс Симиќ и др. Наградата на Европската Унија затоа што на доделувањето можев јасно и гласно да изјавам дека сум од Македонија, не од ФИРОМ, како што официјалните лица претпочитаа; итн.
Наградите се прекрасни моменти од животот, но заради нив не се твори подобро, не можам како авторка кога пишувам да мислам на добиените награди и на тоа дека можеби ме обврзуваат да напишам нешто подобро, позначајно од претходните дела. Пишувам литература, а литературата се пишува однатре, независно од наградите, почестите и претходните успеси.
Зад вас стојат повеќе издадени дела, но и три романи „Скриена камера“, „Резервен живот“ („Или-или“, 2012) и „Но-Уи“ (во издание на „Или-или“, 2016). Како би го опишале процесот на создавање еден роман односно кога писателот е сигурен дека романот ја добил својата конечна форма?
– Пишувањето роман е чудесна состојба на создавање свет, со ликови, време и простор, со јазик, карактери и дејствија, свет кој е роден во твоето битие, а (ќе) го доживуваат и читателите. Кога пишувам роман мислам и живеам со ликовите и тогаш кога не пишувам физички. Кога пишувам роман, па дури и да е трагичен, јас сум апсолутно среќна личност. Пишувајќи роман, авторот е многу пвеќе од писател: тој е и архитект, и археолог, и научник, и музичар, и сликар, и лекар, и психијатар, и земјоделец, и рибар, и астронаут, и гробар, и учител и ученик, демијург е кој создава нов живот, нов свет, нова реалност. Секоја приказна води кон својот крај, па и романот едноставно му сигнализира на писателот кога треба да заврши. Но романот не завршува со пишувањето туку продолжува со читањето односно дури во процесот на читање се обликува секогаш одново.
Гранична состојба е ваша седма поетска книга, за која добивте и награда за која Гоце Смилевски изјавил дека сте достигнале кулминативна точка во вашиот творечки опус, дали се согласувате со оваа негова констатација?
– Многу го ценам мислењето на Гоце Смилевски кој добро ја познава мојата поезија и може да процени какво ниво сум достигнала во поетската мисла. И јас лично чувствувам дека со Гранична состојба се надминав сегашаната себе, отидов во поетската перспектива до крајот на нејзините можности, радикално ги истиснав сите поетски моќи од сопственото битие, нурнав во заумните пространства на реалноста која ми е најголемата инспирација. Тоа не значи дека во некоја наредна поетска збирка нема да го остварам истото или нешто поинакво, повеќе, или помалку. Но Гранична состојба во моментов е навистина кулминантната точка на моето творештво. И во тоа е всушност иронијата на судбината: Гранична состојба се роди од крајна егзистеницијална мачнина и есхатолошка промисла, а се закити со награда, во онтолошка смисла.
Подолго време се зборува за недостигот од културни манифестации кај нас со посебен акцент на поетските манифестации кои според одредени критичари се во мал број. Како ја оценувате оваа консатација, дали постои поделба помеѓу поетските “кругови“ и манифестациите поврзани со нив? Дали навистина недостигаат вакви културни/поетски манифестации?
– Немам впечаток дека недостигаат поетски манифестации, а тоа не мора да бидат фестивали, можат да бидат и поетски читања, перформанси, промоции, дебати итн. Секогаш кога сум во Скопје има барем неколку книжевни случувања, но пошироко низ земјата најверојатно ги нема во доволен број. Првото издание на Скопскиот поетски фестивал на почетокот на септември беше одлично посетено. Од друга страна, очекував повеќе публика на Струшките вечери на поезијата, а ситуацијата со Ковидот не може да биде причина за сѐ. Имено, чаршијата во Струга беше мошне раздвижена, но жителите, барем младите, ги немаше на отворената сцена кај Домот на културата на која на пример течеа и Ноќите без интерпункција пред сѐ посветени на младата поезија.
Не верувам дека секогаш проблемот е во организацијата или програмата на некоја манифестација, туку и во духот на времето, на градот, а тоа пак е последица на многу фактори: на воспитувањето, на образованието, на односот кон литературата, на културната политика итн. Што се однесува до поетските кругови, мислам дека не се толку сегрегирани како што изгледа на прв поглед, но ми беше на пр., многу чудно што во публиката на Скопскиот поетски фестивал не видов лица на повеќе постари поети и поетеси, очекувано ќе беше да дојдат на првото издание на фестивалот и на тој начин да му изразат поддршка.
Всушност, она што мене секогаш одново ме изненадува на книжевната сцена во Македонија е тоа што постојат два света на неа: едниот свет го сочинуваат авторите и авторките кои и сама ги почитувам и читам и за нивната литература секој може да стави рака во оган, а другиот свет е група од автори и авторки кои очигледно не се ни свесни дека она што ги дружи е всушност лошата литература која ја пишуваат, а не нешто вонкнижевно. Но тоа е вообичаено и во секоја друга култура.
Колку е важна литературата за деца и дали можеби би направиле обид и во овој жанр?
– Литературата за деца е најважна, само со неа се создаваат идни читатели, тоа е темелот на кој се гради книжевниот вкус, тоа е најдобриот вирус на светот кој ја шири заразата од читање! Без литературата за деца се залудни сите идни романи, поетски збирки, драми, есеи, студии итн. Но литературата за деца е и најтешка за пишување, можеби затоа досега не сум се ни обидела да напишам нешто за деца. Во последно време размислувам поинтензивно за тоа, па можно е да се испробам и со книга за деца.
Дали правевте четиригодишна пауза во пишувањето поезија за да се посветите на пишувањето романи и дали пандемијата и сите случувања во светот ви беа дополнителна испирација да почнете повторно да пишувате поезија?
– Во литературата не се прават паузи, не ги бројам годините на неиздавање па и на непишување. Пишувам и тогаш кога не пишувам, во мене и во моите бележници се пласти сето она што еден ден излегува на видело во вид на напишано поетско или прозно писмо. Но литературата не се раѓа сега и овде, или барем не секогаш. Поезијата, колку и да е спонтана, е резултат на многу минати, не само сегашни прашања, импулси, чувства, грижи, промисли, судбински клучеви, апсурди, парадокси, несигурности, прочитани книги, на многу мачнини и понекоја радост, на сѐ. Моите бележници се полни со забелешки, стихови, замисли итн.
Гранична состојба имаше врз основа на што да се роди, само го чекаше своето вистинско време и своето вистинско место, а и времето и местото се во мене бидејќи само од мене зависи кога ќе ги претворам во живо време и жив простор. Соочена со граничната состојба на постоењето среде пандемиската криза, среде лични тегоби и колективни загуби, среде распаѓањето на сѐ околу нас како кула од карти, едноставно не можев, а да не пишувам, но тоа не значи дека бев табула раса кога ја започнав Гранична состојба. Во литературата не постои табула раса бидејќи сѐ е во сѐ, па и ништото.
Оваа година која е посветена на еден од великаните на македонската култура – Блаже Конески, се случуваат значителни промени, но и притисоци околу јазикот и прашања поврзани со македонскиот идентитет. Како да се зачуваат македонскиот јазик и идентитетот, на кој начин литературата и културата би го дале својот придонес по ова прашање?
– Оваа година во која ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, ќе беше одлично да се објават на пример собраните дела на Конески, со нови редакции, предговори итн. Да не чекаме Кроациа Рекорд да го преобјави албумот со избрани песни на Конески туку тоа да го направи некој во Македонија, да се привлечат младите читатели да го откријат Конески на ним својствен начин. Да се склучат договори со најголемите светски издавачи за да објават избрани песни од Блаже Конески во своите програми. Да се организираат работилници за превод на млади преведувачи, да се поканат најдобрите светски книжевни научници кои би зборувале за неговото дело на меѓународно ниво.
Да се организираат најразлични екскурзии за деца, млади и стари, патувачки читања, воз во кој се чита Конески, градските автобуси да се наполнат со неговите стихови, зградите да блеснат со негови стихови-графити, стриперите да објават нему посветен стрип, раперите да репуваат негови текстови, малцинствата во Македонија да ги добијат неговите дела на своите јазици, Блаже Конески на овој или оној начин да влезе во секој дом, итн. Наместо тоа имам впечаток дека Конески стана проект за церемонии без суштинска посветеност на неговата книжевна, јазична, научна мисла. Тажно е колку церемонијално ги доживуваме нашите класици, колку всушност пасивно, учебно ги сакаме, небаре никогаш не твореле и не живееле помеѓу нас. А зборот е жив во секое време.
Во таа смисла литературата и најмногу го чува јазичниот идентитет на еден народ, и сѐ додека има автори и авторки кои пишуваат на македонски јазик никој нема да може да го притесни јазикот до работ на неговото непостоење. Сѐ дури пишувам на македонски, а пишувам само на македонски, македонскиот јазик постои. Останатото е политика, политиканство, популизам и апсолутно не смееме да наседнуваме на такви дневни манипулации и провокации.
Вашата порака до читателите на Крајбрежје?
– Читајте, но не сѐ и сешто. Или како што би рекол Џемс Џојс: „Животот е пракраток за да читаме тривијална книжевност“. Читајте само квалитетна книжевност!
Тимот на Крабрежје ѝ се заблагодарува на Лидија за одвоеното време, и искрено ѝ посакува успех на сите полиња!