Само што почнав да пишувам еден обичен текст за есента, насловов ме потсети на песната “Обичну љубавну пјесму“ (Обична љубовна песна) од Аеродром која излегла 11 години пред да се родам. Песната не само што не е обична туку еве после речиси четири децении сѐ уште се слуша и не го изгубила квалитетот. Е ова се случува со уметноста која вреди, без оглед во кој вид припаѓа таа живее низ вековите. Опстојува меѓу нив, не бледнее ами со годините нејзината вредност се зголемува.
Да се вратам на мојов обичен текст за есента. Насловов кој најпрво сам се смисли ме потсетува на писмените работи што ги пишувавме на часовите по македонски. „Есента – најубаво годишно време“, ќе напише со креда некоја наставничка на таблата, а учениците ќе се обидат да размислуваат зошто таа е најубава. Креативните веднаш смислуваа доста примери и метафори па ги елаборираа во границите на нивните можности. Оние помалку креативните не знам точно што правеле, не бев меѓу нив.
Молив и пенкало спроти компјутер и таблет?
Со дигитализацијата во образовниот систем, употребата на таблети во училница, се прашувам дали учениците полека ќе почнат ваквите “писмени работи“ на задедена тема да ги пишуваат на компјутери или таблети? Се плашам дека за една деценија од сега децата нема да ги доживуваат нештата кои мојата генерација и тие генерации пред мене ги доживуваме. Моментот кога додека пишуваш ќе згрешиш некоја буква па земаш гума за да избришеш најверојатно ќе биде заменет со притискање на копчето “бекспејс“ на тастатурите.
Во чекор со времето и во “склад со напредниот модерен систем и дигитализација“ вистинските вредности уште толку ќе се смалуваат. Моливот и гумата можеби ќе станат минато нешто слично како што денес се грамофоните, печатарските машини и видео касетите за некогашните видеа. Тажно би било, но светот “се движи напред“, а со него и луѓето.
Модерните луѓе го следат текот на светот, па можеби идните генерации ученици воопшто нема ни да смислуваат дескрипции зошто есента е најубаво годишно време. Во еден документ ќе прикачат по десет фотографии што ги нашле на интернет, ги симнале преку “гугл“ и домашната е готова. Визуелен приказ, зборови ли се потребни? Што ќе се тие кога една слика вреди илјада зборови?
Ова е само еден обичен текст во кој есента е споредна тема
Еден обичен текст за есента кој буди стотици спомени извезени преку носталгични ноти. Додека гледам во фотографијата (погоре во текстот) што ме инспирира, се прашувам каков топол напиток да си подготвам. Размислувам колку од овие мои предикции поврзани со иднината ќе станат реалност.
Мојата реалност е поразлична од туѓите реалности. Дождов што паѓа во моментов сите не го слушаат со истиот интензитет како мене. Звуциве произлезени од дождовните капки се испреплетуваат со стихот: „Никад нисам знао писат љубавне романе, јер драже ми је оно што у две три речи стане“. (Никогаш не знаев да пишувам љубовни романи бидејќи подраго ми е она што може да стои во две-три реченици“.) Си потпевнувам во себе, не сакам со мојот глас да ја нарушам оваа синхронија на дождот и мелодијата.
Тука некаде би требало да стои крајот на овој обичен текст за есента. Но не пред да запишам што значи есента за мене. Некогаш во составите гласеше дека лисјата паѓаат и ги обојуваат патиштата со нивниот златен килим, се правеа зимници и се носеше потпола облека, почнуваа да се палат огнови и да излегува чад од оџаците. После две децении оттогаш сѐ е точно и уште важи, но не е единствено доживување за ова годишно време.
Се расфрлав со метафори уште во основно школо пред воопшто да знам за постоењето на стилски изразни средства. Интересно откритие ми беше во секој случај. Во тоа име ќе го завршам овој обичен текст со мојата мисла дека: „Есента е годишно време кога доминира златната боја во природата, а во нас лисјата тргнале да се распостелат носејќи носталгични ноти“.
Аеродром – Обична љубовна песна
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.