Те протерав од моите разнишани сеќавања
убавице таголика, мудроока и нема,
па се тетеравам со од на споулавеник
по празнотијата на самодземените мирнеења,
безутешник, безнадежник и безљубјак,
безрадосник, безропотно што реве,
претпоследен заљубеник на песната,
прв најцене и најврл црнозбор –
Јас, Манфред Втор! Јас, Манфред Втор!
Кој ли сум? Што ли сум? Зошто сум?
Близнак благозвучен на проклетилакот!
Бујак од горчина! Бликот од пелиновина!
Бунџоглав горделивко на максималноста!
Снегова грука постоење!
Грска грабнувачка од гревот!
Грдо и гордо ненаметнување!
Со многу македонска малодушна крв,
со многу порочна самоомраза и слепа стрв,
бессилен да се вивнам в најштедар добростор,
казнет да станам неволно
овдешен Манфред Втор! Овдешен Манфред Втор!
Дојден за подвиг, казнет да бидам окован
во најтемни сомненија што ведар ќе ме сломат,
од црв до орел растегнат во дива немоќ
за порив кон стремежите возвишени,
во својте занесености те отпознав ли?
Та, одмина ти негде! Болна е одминувачката,
најболна онаа, последната, та тажен,
никому нужен, казнет сум справедливо да празнеам.
Одмиш ти и со тебе се нека одмине, се
што носи толку неземно име: Убавина!
Недостојник бев јас и твој и нејзин!
Одмини, одмини, одмини како непрегор,
доблест е да се остане голем во својот бол,
макар ко Манфред Втор! Макар ко Манфред Втор!
(Апотеоза на делникот, 1964)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.