Ако не постои утре
ќе наполнам една тегла со светулки и ноќни пеперутки
и тебе ќе ти ја донесам
за помалку да те боли она парче од небото
кое знам дека ужасно ти недостига.
Ако не постои утре
на мајка ми ќе ѝ раскажам за тебе,
за очите твои што наликуваат на отсечено стебло,
за тоа дека си само малку полуд од мене.
И знам дека ќе ми рече
„Мисли дете, мисли со таа глата.”,
ако јас паметот по тебе одамна сум го изгубила.
Ако не постои утре
ќе те фатам за рака
и гордо ќе се фрцкам низ чаршија со тебе
мислејќи си “Еве го мојот плен.”.
Ќе те однесам на кафе под саатот.
Секој збор од усни ќе ти го уловам.
Ќе ти купам шеќерна волна
и ќе те качам на деветтокатница
за да го гледаме небото и крстот на Маркукуле.
Ако не постои утре
ќе те однесам на влезот од градот
за да ти го покажам графитот
„Те сакам колку цел Прилеп и три пати појче”,
а знам дека ќе речеш
„Абај, шо е Прилеп?”.
Секаде зад кино ќе ти го напишам името
за сите комшии да видат.
Ако не постои утре
ќе ти се стуткам в прегратки,
ќе ти се залепам на гради
сè додека не заврши ноќта.
Ќе ме земеш ли ти в прегатки мене?
Ако не постои утре, ќе ме гушниш?
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.