Преспав во Преспа – бладајќи во постелата!
Барам по прозорот мугра, за да ме свести –
Но, внатре дошло сонцето
како најнова вест, и
некако познато, чиниш: мелодија на неделата!
Утро е значи! Вреват ранобудни селаните;
се готват в поле, да си го зберат делот –
Приквечер негде пак ќе се вратат в село
троа на поседок пред порти, троа по кафеаните
Оти годината е бериќетна, доста има,
та, нека дојде дури предвремена зима.
Лозјата се преселени во бочките за вино.
Гледам и слушам, втренчен во ширта сина.
Тивне езерото. Немирот в поле, и чинам
овдека јаболко дека си, татковино!
Горчливи голтки непремолк (1970)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.