Годинава наградата „Даница Ручигај“ ѝ припадна на поетесата Љубинка Донева за стихозбирката „Сезона на пелинот“. Признанието „Даница Ручигај“ се доделува за книга поезија објавена во тековната календарска година од поетеса-членка на асоцијацијата.
– Поезијата на Донева е сугестивна, згусната во поетските слики и претстави и е куса по форма… Пелинот е симбол за животот денес, стравот од егзистенцијата, болка од дистопијата и дисхармониите во светот. Пелинот е симбол, метафора, архетип на животните падови: смртта, болеста, тагата, очајот, немоќта… ‘Сезоната на пелинот’ е синтагма што ја засилува поетската функција и на живата поезија ѝ дава продолжен живот. ‘Сезоната на пелинот’ на Донева е горчлива наслада, медицински еликсир во полен и мед за раните нанесени на женското тело, истакнува селекторката Марина Мијаковска во образложението за изборот.
Со наградата „Даница Ручигај“ се чествува името на македонската поетеса која трагично и прерано го загуби животот во скопскиот земјотрес и се поттикнува и валоризира поетското творештво на македонските писателки, соопштија од ДПМ.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.