Франсоа Вијон (роден на 1 април 1431 во Париз – починал во 1463) — француски поет, зачетник на модерната француска поезија. Во неговите песни тој, за разлика од своите претходници и современици, животот го опишува онаков каков што тој го живеел, исполнет со беда, лицемерие и сиромаштија. Негово поетско ремек дело е „Великото завештание“, составено од 185 строфи.
Франсоа Вијон бил речиси непознат во времето во кое живеел и бил пронајден во 16 век, кога неговите дела се објавени од Клеман Маро.
Првата книга од француска лирика, отпечатена типографски, е со стиховите на Франсоа Вијон. Маро ја преиздал во 1533 година поетското наследство на Вијон.
Балада за некогашните жени е песна на Франсоа Вијон со која ги слави познатите жени во историјата и митологијата и истакнат пример за жанрот Ubi sunt. Напишана е во формат на балада во фиксна форма и е дел од неговата збирка Завештaние.
Балада за некогашните жени
Кажи ми, каде се, во кој крај,
убавата Римјанка, Флора,
и братучетките Архипијада и Тајс,
како самовили од гора,
и Ехо, чиј волшебен глас ечеше
над речен или езерски брег
и чија убост натчовечка беше?
Кажи ми, каде е ланскиот снег?
Каде е Елоиза, од стари дни,
поради која беше скопен и сменет
Пјер Абелар од Сен-Дени
и однесен во манастир да свене?
И каде е таа кралска жена
која заповеда Буридан од брег
во вреќа да се фрли в Сена?
Кажи ми, каде е ланскиот снег?
Кралицата Бланш, тој девствен крин
што пееше со глас на сирена,
и Берта со нозе на џин,
Алиса, Беатриче и господарката на Мена?
И Жана со машка сила,
која Енглезот ја запали на бег?
Каде се туе, Богородице мила?
Каде е ланскиот снег?
Кнезу, не мисли каде се тие
од вчера и цел век;
рефренот одговорот го крие:
Каде е ланскиот снег?
Препев: Паскал Гилевски
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.