Што треба да ни се случи во животот за да се запрашаме кои сме всушност ние? Ако мене ме прашаат која сум, ќе им дадам податоци што попишувачите ги собираат во прашалникот за попис. Но која сум всушност јас? И колку мина од нас не го препознаваат одразот на ликот во огледалото што го гледаат?
Во „Уништување”, авторот Божидар Божиновски, настапувајќи под псевдонимот Моџо Килингтон, се обидува да даде одговор на ова прашање. Вешто доловувајќи ја сцената на 21 век, в очи ни го фрла целиот неморал за кој единствен изговор ни е токму тоа дека е 21 век. Суштината на нашето постоење како да е банална, ако ниту еднаш не сме посегнале по опојните супстанци, по неверството, по неморалот. Сепак, ова е 21 век. Да беше 16 век, ќе велевме дека е 16 век.
Божиновски, преку јасен и концизен стил нè носи на последното патување на главниот лик, Јан, кој животот го минал удоволувајќи им на другите. Во еден сосем обичен ден, нему му доаѓа преку глава од сè, како и на сите нас. Во книгата нема непотребни описи. Нема непотребно дејство. Нема непотребни ликови, ниту непотребни реплики меѓу ликовите. Секој актер во сценариото „21 век“ некогаш е Јан. Некогаш е неговата сопруга. Некогаш е прекрасната ќерка на адвокатот. А некогаш е невидливата Грета. Целото дејство и приказна се доволни за авторот да ја долови својата порака. Мотивот на книгата е јасен после неколку прочитани страници: Која е целта на нашето постоење во 21 век?
Дали суштина на нашето постоење е да се грижиме единствено за себе и за задоволување на своите страсти, без да размислиме што им правиме на другите? И дали малку храброст е она што нè дели од малку поубав живот? А храброст значи да се биде посветен на работата. Храброст значи да се биде верен партнер. Храброст значи да се биде добар партнер и родител. Храброст значи да се биде граѓанин со вистински вредности. Но исто така значи и малку повеќе да се соочуваме со нашите внатрешни демони.
Живеењето со сите овие доблести е храброст во 21 век. И ако малку избегаме од колосекот можеби ќе сфатиме дека целата убавина и хармонија на живеењето се крие токму во вистинските вредности. Кога нареден пат ќе се прашате кои сте, заборавете на статистичките податоци. Соочете се со одразот во огледалото. Оти можеби вие сте лошиот колега. Неверниот парнер. Родителот кој никогаш нема време за своите деца, па само им го дава телефонот в раце. Додека се обидувате да одговорите на прашањето, клајте по едно кафе и уживајте во „Уништување” од Моџо Килингтон, која буквално се чита во еден здив.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.