Има некои луѓе што одлучиле да останат сами.
Ко волци самотници.
Уверени дека не можат да најдат некој за нив.
Не оти за нив човек нема.
Туку оти тие не сакаат да најдат.
И мислат дека силни се.
Дека силни се оти се сами.
Дека јаки се оти одлучиле на светот
грбот да му свртат.
Па осамнуваат ко сонце во студено јануарско утро.
Или ко ѕвезда Деница на кристално ведро небо.
Има луѓе – волци самотници.
Не оти за нив човек нема.
Туку оти тие одлучиле дека не постои
некој што ќе ги разбере.
Па мислат силни се.
А душата им врска.
Им вришти.
Ги моли да најдат некој барем за разговор искрен.
Кожата им пука.
Им се кине.
И чека допири од кои ќе биде залечена.
Срцето им крвари.
И залудно чека раните да заздрават.
Оти волците самотници не сакаат да заздрават.
Не сакаат раните да си ги залечат.
Ниту главата да ја потпрат на нечии гради.
Има луѓе – волци самотници.
Изградиле ѕидини околу себе.
Што со самотијата од убавините на животот се штитат.
Па заборавиле колку е убаво на некој слаб да се биде,
колку е убаво да се копнее по некој,
колку е убава ноќта мината во нечии прегратки
и колку се слатки утрата што осамнуваат во цврсти прегратки.
Не трудете се да ги смените тие луѓе.
Не се сами оти им е убаво,
ами оти комотно им е.
А лошо е кога самотијата комфортна зона ќе ти стане.
Па упорно бегаш од луѓето.
Се штитиш од туѓите прегратки.
Се браниш со тоа дека си сам против сите.
И осамнуваш на полна Месечина.
Сам и студен.
Со една желба закопана длабоко во себе.
Конечно да сретнеш некој што ќе те разбере…
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.