Skip to content

Убавите девојчиња од мојата улица – Снежана Паноска

  • by

Убавите девојчиња од мојата мала улица,
растеа, под будните очи на мајките,
да не ги излаже некој мангуп, пораснаа во убавици.
Со горди, стројни чекори го газеа корзото,
се вљубуваа во неранимајковци, се колнеа на вечна љубов,
учеа како да се борат со животот, но не коленичеа пред него.
Убавите девојчиња заминаа, ја напуштија нашата мала улица,
оставија спомени, стапалки прашливи, ноќи неспиени,
под стреите и во сенките на стариот јавор.
Убавите девојчиња од мојата мала улица, од мојот мал убав град,
заминаа со радост и надеж, со солзи и смеа,
со желба за поубав живот во големиот град,
советувани, плашливи, невини, неспокојни,
секоја со своите стравови и сенки.
Убавите девојки од мојата улица, се промажија
за своите љубови од младоста, некоја од морање,
за некого од немај каде, за последната шанса.
Некоја замина преку сто мориња, некои останаа во големиот град,
некоја остана сама со спомените.
Но, убавите жени од мојата мала улица,
не овенаа како убавите жени на Конески.
Убавите жени од мојата улица, сега се веќе баби,
но први се на оро на сите заеднички средби и забави,
облечени по најнова мода или во по некој фустан
избледен и чуван само за “пред луѓе“ ,
со високи штикли од кои нозете им отекуваат,
во фустани за два броја помали, стегнати во мидери и корсети,
од кои срцето им добива тахикардија,
но со црвен кармин “џиш“ нацрвени на напрчените усни.
Секогаш , ама баш секогаш со исправена става и крената глава,
како сиот свет да е нивни гледаат пред себе,
не се вртат наназад, оти таму оставиле некого
или нешто што боли.
Убавите жени од мојата улица сè уште не се предаваат,
не потклекнуваат, секогаш продолжуваат, живеејќи го живот
кој сами го одбрале или им го наметнале.
Убавите жени од мојата улица,
убавите девојчиња од мојата мала улица…
Ехххх…

Снежана Паноска

Напишете коментар