Живеевме на пола цигара и испиени пива,
имавме и тепачи и борци и љубовници,
имавме и пекол и рај и цветни градини,
и будни – одевме заспани.
Талкавме ноќе под ѕвездите,
ги распостилавме чергите под месечина
и ги вадевме инструментите штом прснеше квечерина;
некој четки, некој гитари, некој пенкала,
душата ја делевме ко да беше купена,
љубевме силно и гордо и без неискрени умилкувања.
Не знаевме за доста,
не плачевме по вода истурена,
не чекавме погодни времиња,
пиевме со стари дервиши,
дами на ноќта, господа и бездомници до изутрина.
Не ни беа пари потребни,
не ни беа најбитни,
спиевме на тие две черги,
сонувавме занесени,
се гледавме в очи со часови –
летавме високо низ облаци.
Живеевме диво и животински,
боси одејќи на тревата зелена
ја бакнувавме секоја ружа нерасцветана
и ја колневме секоја нова зора
што нѐ носеше сѐ побргу до староста клета,
ја пуштавме секоја коса нерасплетена и тивко,
создававме спомени што ќе останат до крајот на сите лета.
Направивме сѐ што требаше, па и тоа што не смеевме,
такви родени и в кафези летавме и в затвор дивеевме,
и штом дојде крајот на сѐ
(зошто крајот секогаш доаѓа),
сакале или не,
крикнавме уште еднаш по зората,
па наеднаш се смиривме тивко,
„Барем”, рече некој од нас,
„Барем не се каеме за ништо во овој живот.”
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.