Оваа куќа е населена со болни години,
а нема во неа ни жива душа за да ѝ забае.
Мрачна е и ладна ко згасната ѕвезда
од која се отселило последното
мирољубиво семејство бедници.
Лилјаците стокмиле розета на таванот
и се единствени слепи сведоци
на тој вртолум меѓу денот и ноќта
што во оваа куќа се разликуваат
како идентични близнаци.
Огништето се сторило влакнеста зандана
на заборавот. Нема сила ни за спомен,
ни за пламен, со кој курбанот ќе го згрее,
поставен со еден благослов и безброј надежи
во источниот темел што зборува со сонцето.
Очајот во оваа куќа е бунар на желби –
разрушен веќе, прибежиште на вонземјани.
Во дворот диво растат празни ветувања
од различни поколенија и цветаат нови,
миризливо многу попривлечни.
Стојам до неа како пред напуштено царство.
Тивка е: заринкан брод во стаклено шише.
Безгласен крик ко остра срча ѝ вие во мевот…
Знае: наскоро и јас ќе запловам по тајни канали
кон некој неоткриен остров на среќата.
Витолиште, Мариово, 2016
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.