Го погледнав својот лик, сокриен до најмрачниот ќош од собата во која ретко влегувам. Беше изненадена и воедно возбудена, како да веќе долго време ме очекува и брои минути, часови и денови. Тивко на прсти ми се прикраде, па патем шепна…
– Знаеш ли колку долги можат да бидат и неколку часа кога од нив ти зависи сè?
Како да ѝ кажам дека многу пати во животот неколку часа ми биле векови во кои срцето ми било собрано како чекан, спремно да удри и со тој удар да се искрши. Како да ѝ кажам дека сум го слушала моето срце како се крши на делови и тоа било најгласниот и најболниот звук што некогаш сум го слушала. Како да ѝ кажам дека додека кнедли ме задушувале и ми го сопирале гласот, јас едвај сум прашувала: “И што сега?“. Како ли.. да ѝ кажам кога веќе знае. Била со мене секој миг и ме чекала во таа соба беспрекорно и надежно. Ме гледала низ призмата.
Била тука кога во иста просторија го знам одговорот, но сакам да слушнам сосема друга приказна. Тоа е денот кога таа си замина, без збогум. Била тука кога сум се давела во сомнежи и сум и ги кажувала најтешките зборови кои носат тежина поголема и од најголемата планина и таа ги земала. Ги носела во оваа соба и ги селектирала за со тек на време да ги фрли низ бездната и повторно надежно да ме чека? Била тука и во секој миг кога некој ќе ми забиел нож во грбот, таа вадела јас сум ги враќала назад.
Била тука. Јас не сум била. Сум минувала низ други соби и туѓи куќи. Сум била кај некои други ликови и блесоци. Сум осветлувала туѓи ходници и срца. Со она малку останато од мене. Сум залевала туѓи градини и сум се радувала на туѓи цветови. Додека моите гниеле и молеле за помош. Ги покажале сите знаци на изумирање. Јас не сум гледала. И сега таа е тука и чека. Јас немирно молчам. Само тивко ме прегрнува. Мислам се топам и сакам секогаш да останам во таа прегратка. Ова е тоа кога се љубиш самата. Ова е тоа што е потребно. Добродојде дома!
Јелена Ѓиноска