Важно: Санкофа е акански збор, а поемата е напишана со многу љубов и почит кон Тви дијалектот и аканскиот јазик. Насловната фотографија ги содржи симболите за Санкофа.
Санкофа,
Нешто изгубено, па најдено,
засакано, па заборавено,
исчезнато, па појавено.
Санкофа, ко птица што доаѓа
одвреме – навреме да потсетува,
пее, а чиниш вели: Еј, кај си тргнала?
Каде без нерешени маки, без правила?
Каде без душата?
Па ајде назад; на сеќавање,
на екскурзии по минатото,
на одново проживување на клетото
што било и било и на крај нешто внатре убило.
Санкофа,
Првата љубов, втората,
раскината душа – пријателства,
еден бакнеж в чело – предавства,
скршено срца и тага неминовна.
Санкофа,
доаѓа и тера на сеќавања,
ја зграпчува безнадежноста,
ја корне душата,
ја затвара напред патеката
и ја отвора назад старата,
а, зошто?
За да се откопа закопаното со сила,
за да се извади заборавеното од душата,
за да се продолжи животот без тага – без трагедија.
Санкофа,
иде и не прашува,
дал сакаш, ил нејќеш, ил ти се останува –
ко птица долетува и чиниш пропејува:
Санкофа, Санкофа – те рушило и изградило,
Санкофа, Санкофа, затоа прифати што си било,
Санкофа, Санкофа, зошто некогаш било – мило,
Санкофа, Санкофа – и тргни напред, ама сеќавај се,
Санкофа, Санкофа, врати се назад прво – излекувај се,
Санкофа, Санкофа, па тргни напред, чисто в борба,
со цврст чекор, на едно рамо Феникс, а на друго Санкофа.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.