Денес во рубриката „Песна на денот”, ги имаме прекрасните стихови на Анте Поповски. Проткаени низ поемата „Мојата сина птица”, стиховите ја прикажуваат убавината на јазикот која само поетот, на некој си свој начин, може да ја види, а потоа низ песните да им ја пренесе и на читателите. Уживајте во читањето.
Лесно ќе ја распознаете мојата сина птица:
таа не ги колве кората и плодовите на овошките,
не застанува на карпите, не демне по мрши и коски,
– мојата птица никогаш не се симнува од небесата.
Мојата птица ги покрстува небеските варвари,
светлината ја пресоздава во писмо според кое
бела како коска, студена како кама
– неизвесноста пустоши низ нас…
Толку високо, самоти ѕвездите,
можеше да се искачи само зборот,
мојата сина птица:
со клунче од звуци, со крилја од глаголи…
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.