Денес ги споделуваме стиховите од поемата „Првата разделба“ на македонскиот поет и писател, Петре М. Андреевски. Поемата е од збирката насловена „Дениција“ издадена во далечната 1968 – ма година. Како и повеќето песни во оваа збирка, така и оваа изобилува со тивка, сосем уникатна емоција која досега само кај Андреевски е сретната, а љубовта што извира од оваа поема посветена на една разделба е толку силна и присутна што, при читањето не му остава простор на рамнодушноста. Уживајте во стиховите,
Возот се задеваше со предишените полиња,
жеравите се престројуваа над мојата глава,
но во сè што ќе видев, во сè што ќе помислев,
во сè што ќе допрев беше и таа замешана.
Оставен, како развенчана змиска кошула,
ги колнев сите краишта што нејзе ѝ ги посветив
и сите нови места што ме среќаваа без неа.
Ушите ми гореа за да знам дека ме споменува,
но сетилата му се противеа на придојденото време
и тој ден траеше подолго од сите минати години.
Колку ја барав подалеку, толку поблиску ја пронаоѓав
(како што можев да ја изгубам и кога ја држев за рака)
и солзата што подалеку кај неа се растураше
во мене веќе почнуваше да се збира и составува.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.