Skip to content

Милчо Мисоски – Изабел

доаѓаше со ореол над главата

или тоа беше нејзината сенка

во оние светлини

полни со воздив кој ги пренесува зборовите.

 

нејзините верувања

мали варијации

отстапки

разлики

претерувања,

вештачки цветови

нерасонети од полноќта.

 

со едноставноста на музиката

ги пополнуваше празнините

кои остануваа

помеѓу нијансите на секое довикување.

 

секој разговор за бесплодните зборови

го завршуваше со зборовите “Да, веројатно да”.

 

Знаеше дека светлината се размножува во видливото

помеѓу сенките создадени од времето.

 

случајно сосем случајно

во полето на разновидноста

пронаоѓаше премин за секоја димензија.

 

додека

ги прескокнуваше патеките кои не водат никаде

мостовите стануваа светлечки реклами.

 

да знам

нејзините измислени страсти на хартија

секогаш стануваа нашата нова

неповторлива приказна

за создавањето на светот.

 

за својата колекција од стари насмевки

знаеше да каже

тоа е артефакт на измисленото време.

 

своите пријателства

создадени во раните утрински часови

ги запишуваше на својата десна дланка.

 

бесконечноста на идеите

ја опишуваше со сета жестокост на живата светлина.

 

за предвреме раскажаните приказни

запишуваше пораки

на пожолтените ѕидови од соседната зграда.

 

знаеше сè за старите бродови

кои пловеа

во морето на вообичаените ветувања.

 

со својата игра на сина пеперутка

ги довикуваше снегулките

неповторливо сокриени во совршеното.

 

понекогаш

пред заминување

го пронаоѓав нејзиното тело

помеѓу заборавените предмети

доказ за сите неизговорени соништа

во кои повторно се раѓа бесмртноста.