Еден ден ќе остарам и тогаш јас ќе ти бидам дете,
ќе ме храниш со смекнати парченца сеќавања
на нашите утрински гушкања
здробени во белото млеко на мојот заборав.
Во скутот ќе ми ги редиш новите кукли
за пресоблекување,
на нивните размрсулавени лица
љубопитно ќе трепкаат моите некогашни очи.
Еден ден ќе остарам и тогаш ти ќе ми бидеш татко,
прст по прст ќе ми ги отвораш дланките,
за од нив да ги истргнеш
испотени опасните сечила на претчувствата.
Ќе ме прекоруваш за прашањата
што отсутно ќе ги слушаш по стопати
додека баналните секојдневности
ќе ти ги браздат првите брчки по челото.
Еден ден ќе остарам и тогаш ќе те оставам,
без да те предупредам
во некоја зима како оваа
ќе ти станам само подзаборавена приказна.
Но сега сум тука и знам, набргу ќе се разбудиш
и ќе ми дојдеш, со сета среќа на
овој минлив миг, подолг и поважен
од сите наши животи.
Ми мирисаш на топло сонце.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.