Интимноста на поетите се открива во нивните песни, и Бодлер во „Повик за патување“ ни ја отвора вратата од својата душа. Оваа песна ни доаѓа од збирката „Цвеќиња на злото“ и се наоѓа во првиот дел со наслов „Слезината и идеалот“. Станува збор за лирска поема, упатена до саканата жена која во својата музикалност нè носи во некое егзотично место, кое наликува на сон. Се претпоставува дека жената која го инспирира поетот е Мари Добрун, актерка и љубовница.
Поемата се отвора со обраќање кон саканата „Ти што си ми сестра или дете“, со употребата на овие две контрадикторни именки (Бодлер не е ниту татко ниту брат на таа жена). Во тој момент дознаваме дека тој е во силна емотивна врска со неа која силно ги обединува нив обајцата. „Дете“ претставува заштитничка љубов, а „сестра “ означува сродна душа.
Авторот слика идеален портрет на жената што ја сака: таа е мистериозна но тие сепак се во блиска врска и тој е спремен да ја задоволи секоја нејзина желба. Истовремено, нејзиниот опис потсетува на неговата идеална земја. Водата и светлината ги опишуваат очите на Мари Добрун и поетот успева да ја зајакне паралелата меѓу нив.
Евоцира идеална земја
Бодлер опишува иделна земја која потсетува на Холандија на многу начини. Каналите кои се за првпат именувани двапати во третата строфа. Потоа, особено со многуте сликовити аналогии кои се однесуваат на холандското сликарство.
Ова лексичко поле поврзано особено со „магловита неба“ ги евоцира сликите на Рујсдел, холандски сликар од 17 век, познат по неговите слики каде магливото небо зазема повеќе од половина од платното, кое прави дифузија на непроѕирна светлина над пејзажите.
Втората строфа опишува просторија која одекнува на портретите на Вермер и неговите ентериери, каде што исто така наоѓаме „Делови од мебел тешки, сјајни “.
Покрај насловот на песната, низ текстот се среќава и темата на патувањето, почнувајќи од првата строфа. Другата тема што ја придружува онаа на патувањето е онаа на соништата. Сепак, хипотипозата што ја користи авторот ја акцентира реалноста, па така целата песна е игра на амбивалентноста помеѓу сонот и јавето.
Денес, на денот кога го напуштил овој свет и во негова чест, ви ја претсатавуваме неговата песна „Повик за патување“, придружена со рецитал на француски јазик. Се надеваме дека ќе уживате.
Повик за патување
Ти што си ми сестра или дете
помисли: да појдеме во ветен
крај и да живееме таму двајцата ние!
Да се сакаме таму в бескрај
да согориме в љубовна треска
во земјата што како сестра по убост ти е!
Сонцата водени, влажни, жешки
од небесата маглени, тешки
за мојот дух исти волшепства и чари плетат
и од нив иста тајна се точи
како од твоите итри очи
кога, преполни со предавство, низ солзи светат.
Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сé е.
Делови од мебел тешки, сјајни
од години многу и од тајни,
на сите наши соби раскошен украс ќе се;
мирисот на цвеќињата ретки
ќе се меша среде тие глетки
со на амбрата мирисот нејасен и лесен;
украси што секаде се вијат,
огледала што понори кријат,
ориенталното богатство, уште од прагот,
на душата ќе и зборат страсно
со јазик за кој е веднаш јасно
дека од ист крај е, како таа, преполн благост.
Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сé е.
Погледни, во мирните канали,
спијат бродови, големи, мали,
во секој од нив порив за скитање се крие;
и за најмалата желба твоја
на располаѓање ќе ти стојат
и дури од крајот на светот ќе дојдат тие.
Сонцата во крајморскиот песок
го фрлаат својот убав блесок
сиот од златна прав и од зумболов цвет лилав
врз градот и врз полето сето,
еве веќе заспива светот
среда светлина топла и густа како свила.
Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сé е.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.