Skip to content

Честитки за Хан Канг, Нобеловата награда за литература оди во нејзини раце

Шведската академија денеска (10.10) во Стокхолм соопшти дека добитничка на Нобеловата награда за литература е Ханг Канг од Јужна Кореја. Според образложението на жирито, 53-годишната писателка е наградена за нејзината „интензивна поетска проза“ која ја отвора темата на „историски трауми“ и ја разоткрива „ранливоста на човечкиот живот“. Авторката фрла светлина врз „поврзаноста помеѓу телото и душата, помеѓу живите и мртвите“ и со својот „експериментален стил“ е обновувачка на современата проза, смета жирито.

Хан Канг е 18 жена добитничка на Нобеловата награда за литература и прва жена меѓу годинашните добитниви на наградата. Минатата година добитник на наградата за литература беше Норвежанецот Јон Фосе, кој беше награден „за неговите иновативни драми и проза кои му даваат глас на неискажливото“.

Од доделувањето на првата награда во 1901 година, именувани се вкупно 121 добитници на Нобелова награда за литература. Меѓу нив беа светски познати литературни личности како Ернест Хемингвеј, Селма Лагерлоф и Жан-Пол Сартр, но и личности како што се поранешниот британски премиер Винстон Черчил и американскиот музичар Боб Дилан, кои на прв поглед не се доведуваат нужно во врска со светската литература.

По обелоденувањето на одлуката за добитникот на наградата за литература, настаните со Нобеловата награда привремено се селат од Стокхолм во Осло, каде утре треба да биде објавен носителот на Нобеловата награда за мир. Конечно, следниот понеделник ќе биде објавено кој ќе ја добие Нобеловата награда за економски науки, спонзорирана од шведската централна банка, повторно во Стокхолм. Нобеловата награда во секоја од категориите е дотирана со единаесет милиони круни, односно околу 970.000 евра.

Извор

Напишете коментар