На заемно огромно задоволство, одново ја имавме таа чест да поразговараме со нашиот навистина плоден автор Александар Николовски, којшто верувале или не, секогаш оди степен и ниво погоре. Своите читатели овојпат ги изненади со нешто уште поразлично од претходно, и тоа од повеќе аспекти. Премиерно, тој ни претстави не едно, не две, туку три свои дела одеднаш. Како протече муабетот и какви ли интересни одговори ни даде нашиот талентиран Велешанец, прочитајте во ова најново интервју.
Хет-трик има во фудбалот и во хокејот, но еве и ти го постигна – со три нови книги истовремено. Сите научивме дека од тебе треба да го очекуваме неочекуваното, но ова е дефинитивно невидено. 🙂 Дали го планираше или излезе сосема случајно?
Александар Николовски:
– Уште еднаш ви благодарам за отстапениот простор на Вашиот прекрасен блог. Да да, хет-трик, со тоа што јас си го нарекувам „семафор”, црвено, жолто и зелено, според кориците. Кога можев двапати по две книги одеднаш, си реков зошто не и три, иако збирката поезија, која сега малку ја дополнив и преработив, ми е одамна напишана, само што никогаш не била сместена физички во книжевен формат. А вистината, искрено, е некаде, па помеѓу – ова не е ниту сосема случајно ниту ептен испланирано, едноставно така се поклопија коцките.
Пред да ни кажеш нешто повеќе за новите дела, нè интересира како си задоволен од приемот кај читателската публика на твоето последно дуо, „Психопат на квадрат” и „Тарантулата”?
Александар Николовски:
– Кратко и јасно ќе кажам – презадоволен! Јас лично никогаш не очекувам ништо, за потоа да не бидам разочаран, ама навистина секојпат се изненадувам самиот сè повеќе и повеќе. И дуото и сите претходни десет книги, сосема солидно котираат кај читателите. Повеќето од нив се читани и барани како да се тукушто излезени од печат.
Црвеното светло од семафорот како што ти го нарекуваш твоето најново остварување, ни носи нова маестрална приказна. Што ли нè очекува во „Книжарницата на смртта”?
Александар Николовски:
– Ова е една крајно неизвесна мистерија за чие пишување искористив малку поинаков концепт, со навидум секојдневна, но и оригинална тематика. Интересно е што овде масакрот се случува токму во книжарница каде можните жртви се класични луѓе од книжевниот свет како на пример книжарката, дистрибутерот на книги, член на клубот на читатели, средовечна осамена жена која утеха бара во книгите и млада девојка која бара подарок за момчето што ѝ се допаѓа. Сите пет меѓусебни странци се затекнати, кога во книжарницата упаѓа непознато вооружено маскирано лице и започнува да сее смрт и бескраен ужас.
Дури по две години низ призмата на некои од ликовите, читателот ќе открие што ли всушност се случило онаа кобна вечер и дали некој од нив петмина воопшто успеал да извлече жива глава од озлогласената книжарница на смртта. Оние кои читале мои книги, најдобро треба да знаат дека баш ништо не е онака како што изгледа до самиот крај. Овојпат посебен предизвик ми беше самото пишување, бидејќи сигурен сум дека огромен број читатели ќе се препознаат и ќе се идентификуваат себеси со некој или па дури со неколку од самите ликови.
Привлечно, како и секогаш! Е сега, со „Шундот над квалитетот” дефинитивно навлегуваш во еден подруг жанр. Што содржи во себе ова дело?
Александар Николовски:
– Па да, би можело да се каже. Ова повеќе е еден вид на популарна психологија во комбинација со бизнис анализа што е плод на моите долгогодишни истражувања и искуства во книжевниот свет, како автор, но и како читател. Низ страниците ќе откриете зошто неквалитетот е толку читан и популарен кај мнозинството читатели. Кој ли е всушност навистина хендикепот на уметноста? Кои трикови вешто ги користат издавачите? Која е улогата на книжевните групи и кои техники за маркетинг се најдобри? Дали во Македонија може да се живее и опстане само и исклучиво од пишување книги? Се разбира, тука има и уште многу нешта, покрај бонус забавното поглавје со најчестите комични, но и засрамувачки ситуации коишто се неизбежни кога сте љубител на книгите или на било каков начин сте поврзани со нив.
Ретко кој знаеше дека пишуваш и љубовна поезија, ама ете, токму со стихозбирката „Поле со камилица” им овозможуваш на читателите да те запознаат и во поинакво светло. Кажи ни нешто повеќе околу твоите песни!
Александар Николовски:
– Точно е, малкумина знаат за ова и мислам дека оние кои сега дознаа, не им се верува. Но, како и да е, ги поканувам да ги прочитаат песните и да ме видат како автор и од еден подруг агол, всушност како поет. Сите педесет творби се богати со рима и секоја од нив претставува една приказна самата за себеси, а воедно и длабока исповед каде непресушен мотив, двигател и инспирација е секако љубовта, но и страдањето и болката кои исто така неизбежно со себе ни ги носи таа.
Што мислиш Александар, дали веќе со ова стануваш сестран автор?
Александар Николовски:
– Не би рекол, за да зборуваме за сестраност потребно е да се испробам во уште многу жанрови што засега, не е случај. Ова најдобро би го именувал како постепено запливување во водите на сестраноста. Сметам дека во некои жанрови и никогаш не би се впуштил, но знаете како велат, никогаш не вели никогаш.
Зошто читателите треба да ги прочитаат твоите три нови дела?
Александар Николовски:
– Јас не велам дека треба или мора да ги прочитаат. Нивна одлука е, нивни избор и нивна желба. Многу едноставно е, оние кои сакаат, ќе посегнат по нив, а самите најдобро знаат зошто би го направиле тоа.
Колку се промени ти како автор и како личност од твоето прво дело до денес?
Александар Николовски:
-Најискрено, и не гледам некоја подрастична промена, освен што сум постар за неколку години оттогаш. Се шегувам, со тек на времето сметам дека повеќе созревам како автор, и особено во последните неколку дела и самиот забележувам дека имам подобрување во стилот. Е сега, дали и колку има вистина во ова, најдобро е да кажат самите читатели.
Дали наскоро можеме да очекуваме попусти на твоите книги?
Александар Николовски:
– Апсолутно, како и секогаш, традиционално ќе има попуст за Halloween, Black Friday и пред Нова година. Попустите ќе варираат од книга до книга, но секогаш гледам цените да се прилагодени за секој да може да си дозволи да се поднови со нови книги.
Александар, ти благодариме за издвоеното време и ти пожелуваме уште поголеми успеси. Ние веруваме во тебе, а секако ги покануваме и останатите читатели да го направат истото и да си ги збогат домашните библиотеки со твоите дела. Тоа можат да го сторат многу едноставно, директно преку нарачка на твојот профил: https://www.facebook.com/aleksandar.nikolovski.315/.