Skip to content

Хусто Хорхе Падрон – Пустината на љубовниците

Хусто Хорхе Падрон  (роден на 1 октомври 1943, починал на 11 април 2021) – шпански поет, еден од најпреведуваните шпански поети од втората половина на дваесеттиот век.

Роден е 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските Острови, во Шпанија. Ги завршува своите студии по право, филозофија и книжевност на универзитетот во Барселона, проширувајќи ги понатаму истите во Париз, Стокхолм и Осло. По осумгодишното работење како адвокат во својот роден град целосно ѝ се посветува на поезијата. Тој бил генерален секретар на шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година.

Добитник е на триесетина меѓународни награди и признанија меѓу кои и онаа на Струшките вечери на поезијата.

Има напишано дваесетина збирки поезија, главно во духот на лириката на Хуан Рамон Хименес и поетите од Генерацијата ’27.Поезијата на Падрон се одликува со употреба на изненадувачки метафори и оригинална фантазија. Во неа шпанскиот јазик добива една нова перспектива, а силината на поетската визија се поистоветува со имагинацијата и самата филозофија на песната. Најчести мотиви кои се забележуваат во неговото творештво се носталгијата по детството, современоста на љубовта и убавината, радоста на животот и светот, како и возвишеноста на создавањето.

Ви ја претставуваме „Пустината на љубовниците“ од неговата збирка поезија „Посетата на морето“ во препев на Матеја Матевски и Клеопатра Филипова.

Пустината на љубовниците

Од ноќта тврда на нивните тела

со бодеж од сенка се пробиваат.

 

Струи се ненаситни, два пулса

што сами себеси се палат, подбодени

од итањето на еден необјаснив оган.

 

Под студените ѕвезди се извиваат, се впиваат

за да ја смират очајната желба

на суштество непознато што магливо го чувствуваат.

Во разлеаниот занес се крева еден бог,

ги осмислува во нивната кожа од глина и од вода

и најпосле ги отфрла оставајќи ги

во нивната пустина вечна.

 

Напишете коментар