„Хортензија на клада“ е најновата поетска збирка на Сања Атанасовска

„Хортензија на клада“ е во издание на Слово љубве-Буквибукс од Скопје. Збирката содржи 52 песни. Доминираат љубовните песни, но во голем дел од стиховите авторката пишува и за општествените аномалии, тешкиот живот во земјава во минатото и денес, како и геополитичките случувања во светот, односно војната во Украина, судирот во Нагорно-Карабах и слично.

Сања Атанасовска е новинарка и поетеса. Родена е во 1985 година во Куманово. Досега ги објавила збирките поезија „Писмото на десетте прсти“(2015), за која ја доби наградата Лесновски ѕвона.  Во 2017 година на Фондација Македоника ја објавила електронската книга поезија „Тапија од животот“. Атанасовска во 2017 година ја доби наградата Караманов за збирката поезија „Стаклена градина“. Оваа книга има и аудио верзија. Во 2019 година, поетесата ја објави стихозбирката „Шафране мој“, а во 2020 година излезе од печат книгата „Афродита трча по ветерници“. Во 2017 година, Атанасовска го освоила третото место на книжевниот фестивал Панонски галеб во Суботица, во Србија. Авторката во 2019 година била на книжевна резиденција во Цетиње во Црна Гора.  „Хортензија на клада“ е нејзина шеста книга.

Во продолжение извадок од поезијата содржана во стихозбирката.

Сестри по судбина

Ајде да си бидеме сестри по судбина,
ќе мапираме орхидеи
на брз кајак во река.
Ќе одиме на курсеви по заборав,
ќе наместиме огради во полето
и ќе ставиме катанци на кошмарите,
да не шетаат во туѓите глави.
Ќе личиме на млади јорговани
или хероини што избегале од харем.

Ќе си бидеме сестри по судбина,
контурите на карактерите
ќе ги затвориме во заеднички долап,
гордо како пауни
ќе ги шириме платната
на таа чудесна хармонија,
само нека е силна и нека трае.

Хортензија на клада

Твојот воз излетал од шините,
а мојата хортензија
ми ја испи последната капка вода.
Ти си повреден,
јас сум жедна,
и не знам што е полошо.
Да го однесеме возот на колосек,
како што ученик
грижливо ја пишува домашната задача
или да ја ставиме хортензијата на клада,
така лесно како што пијаниците
истураат пцовки?
Алчно ќе го изедам
розевото срце на лубеницата,
пред да созрее во црвено руво,
иако знам дека целта
не секогаш ги оправдува средствата.

Париз и Истанбул

Париз ја напушта мојата глава,
на Истанбул му ги учам зборовите.
Порано бев со кратки ракави,
а сега се толку долги
и ме сопнуваат на улица.
Пред да излезам надвор,
идеите ги затворам дома.
Подгорица има црни очи,
Истанбул сака да биде како Париз,
Париз знае сѐ,
a Македонија ми ги кине последните чевли
и вака боса не стигнувам никаде.