Рапсодија на смртта – Магдалена Петровска
Ох, ти љубено мое,
цутарче под моево срце,
плодот на моето деветмесечие…
Каде ли, цутарче мое, одлета ти,
па со себе ја однесе пролетната светлина –
зорниното кандило што надеж ми плетеше?
Ох, ти љубено мое,
цутарче под моево срце.
Сега те барам во шепотот на ветрот,
во капките дождец што земјата ја галат,
во утринскиот сјај што тивко се буди,
но, само тишината ме гушка и мами,
додека бдеам над твојата колевка пуста.
Кажи ми, љубено мое, дали си светулка
или си месечев зрак во ноќта што трепери?
Дали си миговен воздив во мојата полноќна молитва
што во ѕвездите тајни шепоти бере?
Ох, ти љубено мое,
цутарче под моево срце.
Ќе те носам во сите доживотни издишки и чекори,
во секоја пролет, во секој цвет,
додека срцето мое за тебе пее и венее…
Ќе те барам во мирисот на полското летно цвеќе,
во пролетниот дождец што ме милува.
Во секој здив ќе го шепнувам твое име,
оти мајка засекогаш љуби и чува.
И во среќното присуство и во болното отсуство твое.
Ќе те бакнувам вонземски во секоја зора,
ќе те прегрнувам и издигнувам во секоја молитва…
Ти си ми вечната љубов најчиста,
во срцето мое и во вечниот стих.
Цутарче мое,
Оваа пролет ќе ни беше цутна
да не нѐ попареше пламената слана.
Сѐ задоцни, освен смртта…
