Писмо до мојата мајка

Четири месечна празнина која извира од секоја пора на моето битие чиниш е длабок празен бунар. Живот како во полусон, се занимавам со активностите половично, се затрупувам со работа, а пак ништо не сум сработила. Живот-полуживот, нереален, пеколно болен и суров без тебе. Ти го должам она коешто ти повеќе го немаш, да можев би ти го дала, но сега е залудно. Благодарение на тебе, твојата поддршка и поткрепа постанав она што сакав да бидам, но не застанувам тука. Те чувствувам околу себе каде и да одам, знам дека ме чуваш – ти си наш Ангел чувар.

Сакам да верувам дека си на подобро место каде нема болка, солзи, злоба, омраза. Овде на земјава е преполно со нив, ќе се самоуништиме ако светот продолжи вака, утешна ми е помислата дека не сведочиш на сите лоши работи што се случија изминатиов период. Болна е помислата дека нема да си тука на сите убави и весели работи што допрва следуваат. Како што денот заоѓа и полека тоне во сон ти сè повеќе ми се појавуваш во мисли, го гледам твојот лик недофатен, го слушам твојот глас како некое далечно ехо. Посакувам да можев да го слушнам на јаве барем уште еднаш.

Останува само да те чекам во соништата да ми се појавиш. Недостигаш, секоја минута, секој ден. Без тебе деновите не се целосни, темни се. Темнина ме покри, но мојата светлина е водена од силата што ми ја даваш и со која ме научи да се обвијам. Имам многу причини за да останам силна. Љубовта кон животот е само една од нив. Таа секогаш го победува стравот од смртта. Те сакам мајко, од овде па до небото и вечноста.

Наталија Наумовска