Предавство – Наталија Наумовска

Ме предаде животот,
но јас нема да бидам Јуда
кон својот живот
и кон сè останато
оти тоа би било себепредавство
Се потпирам на времето
тоа нема да излекува ништо,
ќе ги покрие лузните делумно,
а предавството ќе изгледа далечно
Се потпирам на себеси
јас сум свој господар и роб
она што ќе ме предаде
се предало и себеси
Мојата вер(б)а е разнишана,
можам само во себе да верувам,
сè друго е лага, илузија, привид,
краток времеплов на Земјата
Само луѓето не с(м)е лага
во овој краток филм од сценарија,
а ако не си сопствен режисер
биди подготвен да играш туѓа улога