Спомени – Софија Величковска

За спомени живееме,
како сенки од светлина
што тивко ни се лизгаат низ душата.
Во нив се кријат детски насмевки,
допир на раце,
гласови што одамна ги нема,
а сепак одѕвонуваат
како тивка музика низ времето.

Ние сме патници кои веќе
одамна завршиле со патувањето, а не ни почнале.
Денес тело сме, утре прашина,
искреирани цртежи,
напишани песни,
недозволени бакнежи и грешни до зори.

Ама споменот ни живее,
кога ќе нè нема,
еден ден.
Остануваат врежани
во невидливиот камен на сеќавањето.

И кога ќе нè нема,
споменот ќе живее,
како цвет во нечиј поглед,
како трепет во нечија мисла,
како очите што ти ги знам и ги премолчувам,
како војната во мене,
во тебе,
што не сака да престане.